Македонија
Стоилковски: Кога алијансата ќе вети уставни измени, без да го праша народот, тоа се вика лажење
Кога Алијансата за Албанците ќе вети уставни измени, без да го праша народот, тоа се вика лажење. Исто така, лажење е кога Таравари ќе стане градоначалник на Гостивар со гласови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ќе трча да влезе во Владата на ДУИ/СДС, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање.
„Таравари лаже и кога вели дека меѓународен фактор барал од него да влезе во Владата, а кога ќе го прашате кој е тој фактор, Таравари ќе избегне одговор. Не затоа што постои таков фактор што тоа го бара од него, туку затоа што во согласност со интересите на Таравари решил да биде спаринг-партнер на Ковачевски и Ахмети, со лажење политика не се води“, нагласи Стоилковски.
Коментирајќи го повикот на Ковачевски за единство кон членството во ЕУ, Стоилковски изјави дека премиерот не е во единство за ЕУ, туку единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ и повика Ковачевски да се посвети на граѓаните и на европската иднина.
„Димитар Ковачевски не е во единство за ЕУ, Ковачевски единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Наместо европска има криминална агенда. Ковачевски му е слуга на Ахмети наместо да им слугува на интересите на граѓаните. Го повикуваме да престане со слугување на криминалот и корупцијата. Го повикуваме вистински да се покаже, доколку тоа го сака, наместо посветеност кон криминал и предавства, Ковачевски да се посвети на вистински дела за граѓаните“, додаде Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

