Македонија
Стоилковски: Ташко Дојчинов истовремено извршувал две функции и незаконски добил 900 илјади денари
Не запира самоволието на власта и злоупотребите на функциите и парите од граѓаните, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој конкретно зборуваше за Ташко Дојчинов и кумулацијата на две државни функции од негова страна.
„Дојчинов е избран претседател на Советот на Општина Гевгелија, претседава со Советот на оваа општина од октомври 2017 година, а од октомври 2018 година, една година подоцна, истовремено додека е функционер во Гевгелија, од Собранието на Република Македонија е именуван и за член на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“, нагласи Стоилковски.
Како што рече портпаролот, станува збор за кумулација на две функции, од кои едната е избрана, а втората е именувана, што е спротивно на законот.
„За жал, иако темата постоеше во јавноста, антикорупциската комисија не реагираше. Но, не реагираше ниту Дојчинов, којшто е свесен дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупцијата не смеел да биде именуван на втора функција. Тоа претпоставува негова умисла за тоа што во периодот од октомври лани до мај годинава противправно се стекнал со околу 900 илјади денари. Овие се пари коишто ги добивал по основ на бруто-плата, но и закупнина за стан и трошоци во Скопје. Со тоа постојат услови за кривична одговорност и можност за враќање на парите во државниот буџет“, истакна портпаролот на опозициската партија.
Стоилковски напомена дека со оглед на тоа што во овој случај ДКСК сама не постапила по допрен глас, сега имаат претставка од ВМРО-ДПМНЕ со која партијата бара да се утврди недозволена кумулација на функции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

