Македонија
Столтенберг: Македонија ќе стане членка на НАТО ако се примени договорот со Грција, не постои план Б

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на Македонија останува да се види како ќе се однесува по референдумот, но и дека НАТО е подготвен да ја прифати Македонија како триесетта членка на алијансата ако договор со Грција за името се спроведе во целост.
„Ако тие одлучат да го применат договорот за името со Грција, тогаш ние сме подготвени да ја прифатиме Македонија како наша триесетта членка. Ова може да се направи бргу бидејќи веќе почнаа преговори за пристапување и можеме да го потпишеме протоколот за пристапување многу бргу по почетокот на применување на договорот. Сега тоа е во рацете на народот и демократските институции во Македонија да одлучат дали тоа ќе го направат или не“, изјави Столтенберг од Младеновац, Србија, каде што присуствуваше на заедничките вежби меѓу Србија и НАТО.
Тој додаде дека не постои алтернатива, односно не постои план Б за влез во НАТО, без спроведување на договорот за името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шабан Салиу објави кандидатура за градоначалник на Шуто Оризари

Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја промовираше својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина,“ порача Салиу во неговиот говор пред жителите на општина Шуто Оризари.
Салиу најави дека приоритет ќе биде изградба на инфраструктура која ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како што се асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, LED осветлување и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови за семејствата што долго чекаат покрив над глава.
„Посебно внимание ќе биде посветено на образованието и културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културните институции и создавање услови младите да ја носат ромската традиција во срцето, а знаењето да го градат според најсовремените методи“, истакна Салиу.
Салиу наајави и формирање на мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за повозрасни и формирање на Фонд за поддршка на ранливите семејства.
Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.
Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.