Македонија
Столтенберг: Скопје може да добие столче во НАТО веќе во јануари
Преговорите за влез на Македонија во НАТО се веќе почнати и би можеле да бидат завршени до јануари 2019 година, најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Како што е објавено на интернет-страницата на НАТО, тој наведува дека од алијансата внимателно го следеле консултативниот референдум што се одржа во неделата.
„Вчера разговарав со премиерот Зоран Заев и ќе останеме во близок контакт“, изјавил генералниот секретар на НАТО.
„Го поздравувам гласањето ‘за’ на референдумот. На Скопје е да одлучи за следните чекори. НАТО е подготвено да ја прифати земјата како триесетта членка. Но, единствениот начин за тоа е спроведувањето на договорот за промена на името (постигнат со Грција). Не постои друг пат за членство во НАТО“, рече Столтенберг.
Тој наведува дека протоколот за пристапување на земјава кон алијансата може да биде потпишан кога сите уставни промени поврзани со новото име ќе бидат финализирани.
„Со тоа Скопје ќе добие столче во НАТО веќе на почетокот од следната година. Ова е историска шанса. Ги повикувам сите политички лидери и партии да соработуваат конструктивно и одговорно, со цел да ја искористат истата“, додава генералниот секретар на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

