Македонија
Стотина пожарникари и волонтери ги гаснеа пожарите во Прилепско, зафатени се 400 хектари шума
Пожарите кои вчера избувнаа на територијата на општина Прилеп се ставени под контрола. Во нивното гаснење учествуваа Територијалната противпожарна единица од Прилеп, засилена со волонтери и вработени во општинските јавни претпријатија и „Македонски шуми“, како и со помошта која стигна од противпожарните единици од Битола, Крушево и Кавадарци.

Градоначалникот Илија Јованоски и командирот на ТППЕ-Прилеп, Виктор Стојчески, по состанокот на Општинскиот кризен штаб искажаа благодарност до сите оние кои се бореа со огнената стихија, како и до противпожаните единици од соседните општини.
„Најголемиот пожар се случи вчера во попладневните часови на Плетвар, поточно на потегот кај каменоломот, Топлица и Тројаци. Заради интензитетот на пожарот, вчера имаше прекин на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, во траење од околу 7 часови. Сакам да истакнам дека со огромен ангажман на припадниците на противпожарната единица, чија работа беше на високо ниво, беше спречено огнот да се префрли на другата страна од магистралниот пат, по што околу 23 часот патот беше пуштен за сообраќај во двата правци“, изјави Јованоски.

Градоначалникот истакна дека заради сериозноста на ситуацијата, првиот состанок на Општинскиот кризен штаб беше свикан доцна синоќа, при што беа дадени насоки за постапување и беше направен распоред на екипите за гаснење на пожарите. Информациите од терен, како што рече градоначалникот Јованоски, велат дека со пожарите се зафатени нискостеблести растенија, смрека, чалија и трева.
„Утрово повторно бевме на терен, на сите три места пожарот е изгаснат. Има екипи кои ја контролираат состојбата и во овој момент таа е стабилна. Членовите на кризниот штаб се во постојана комуникација со сите структури кои се излезени на терен, состојбата се следи и доколку има потреба ние сме спремни да реагираме“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

„Вчера на 5 места имавме големи шумски пожари кои се појавија, безмалку, во разлика од 2 часа. Најголем беше пожарот на регионалниот пат Прилеп-Градско, кој мораше да биде затворен за сообраќај за да се избегнат поголеми катастрофи. Во овој момент пожарите се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола заради временските неприлики, поточно силниот ветер и сувата трева, што можат да предизвикаат нивно повторно палење. Со пожарите е зафатена површина од околу 300-400 хектари, во добар дел непрооден терен, што ни создава дополнителни проблеми. Единствениот активен пожар е оној кај селото Рилево, општина Долнени, но и тој е под контрола“, нагласи командирот на ТППЕ-Прилеп, Виктор Стојчески.
Во гаснењето на пожарите учествуваа повеќе од 100 лица и 20 противпожарни возила. Во моментов не може да се кажат причините кои доведоа до нивна појава пожари, но во 99 отсто од случаите, причина е човечкиот фактор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

