Македонија
Стојаноска: Вистинскиот избор на овие локални избори е бројот 9
Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на митинг во Јегуновце во рамки на кампањата за локалните избори која е под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се осврна на работата на Димитар Костадиновски, кандидат за општина Јегуновце.
„Диме е неуморен, не се плаши од критика, од проблеми, напротив запознаен е со се и знае што може, а што не може и кажува зошто не може. Во Јегуновце нема неасфалтирана улица, нема дете што чека за упис во градинка“, рече Стојаноска.
Според Стојаноска Јегуновце може да стане привлечно место за сите посетители, за вкусна храна, центар за спортски настани.
„Диме добро знае што значи поддршка од централната власт. Тоа го виде во овие 15 месеци откако Влада е на ВМРО-ДПМНЕ, а поддршката за него и ќе продолжи во следниот период“, кажа Стојаноска.
Стојаноска упати пораки и до актуелниот и идниот градоначалник Костадиновски и до личностите кои се на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Советот во општина Јегуновце.
„Продолжи со исто темпо и продолжи ја својата приказна. Општината е доказ дека може да се успее, иста е и пораката и до советниците. Ние во ВМРО-ДПМНЕ успеавме поради истрајноста, упорноста, вербата и јасна визија за иднината. Советници следете ја јасната визија на градоначалникот сегашен и иден и јасната визија на претседателот Христијан Мицкоски“, заклучи Стојаноска.
Стојаноска повика и укажа дека вистинскиот избор на овие локални избори е бројот 9.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

