Македонија
Стојанче Ангелов го напушта МВР, ќе и се врати на политиката
Поранешниот полициски генерал и претседател на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов најави дека ќе го напушти МВР поради политички ангажман во иднина. Тој преку статус објавен на Фејсбук му се заблагодари на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата година.
„Како претседател во оставка на политичката партија Достоинство, во овој исклучително значаен, чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани, држава за која се борев, држава за која крварев, држава за која се уште се борам, овојпат со политички средства и методи, чувствувам обврска за мое политичко реактивирање.
Бидејки Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на Достоинство одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година“, пишува Ангелов.
Тој најавува дека на есен Достоинство ќе одржи конгрес за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата. Во следните неколку месеци партијата ќе изврши и ажурирање на своето членство. Сите издадени членски книшки престануваат да важат. Секој досегашен член кој е согласен со програмата и политиките на Достоинство може да го продолжи своето членство со пополнување на нова пристапница после што ќе добие нова членска книшка на политичката партија. Лица кои сакаат да се зачленат во Достоинство можат да стапат во контакт со раководствата на локалните ограноци на партијата.
„Една од основните заложби на Достоинство е грижата за македонските Бранители кои учествуваа во одбрана на државата во 2001 година како и грижата за членовите на нивните семејства. Како помал коалиционен партнер на сега владеачкиот СДСМ, благодарение на разбирањето на кое наидуваме кај повеќето претставници на централната и локалната власт, Достоинство досега успешно им помогна на повеќе македонски бранители. Затоа, во оваа прилика, ги повикувам сите македонски бранители од 2001-та кои имаат проблеми од која било област во надлежност на кој било државен орган, да остварат контакт со претставници на локалните или централното раководство на Достоинство. Ние од Достоинство ќе дадеме се од себе да им помогнеме на сите македонски бранители, без разлика на нивната верска, етничка или партиска припадност. Достоинство пред се “, порача Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски ја напушти Вила Водно, им се заблагодари на граѓаните и соработниците
Експретседателот на државата, Стево Пендаровски, чијшто мандат заврши денес, преку социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните и своите соработници.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Претходно тој во Вила Водно ја пречека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пришто свечено и’ ја предаде функцијата, а и’ ja честита и победата.
Пендаровски беше петтиот претседател од осамостојувањето на државата, а функцијата ја презеде во 2019 година од дотогашниот претседател, Ѓорге Иванов.
По престанокот на функцијата, на секој претседател му следат низа на доживотни бенефиции. Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, претседателот има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Пендаровски неодамна изјави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врати на работното место професор.
Македонија
ДУИ велат дека Силјановска го прекршила Уставот, за „Влен“ тоа што заклетвата е потпишана со уставното име значи дека ја прифатила реалноста
Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва со тоа што не ја спомена Северна Македонија. И’ замери на Силјановска-Давковска и што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.
„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.
Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.
Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.
„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.
Македонија
За Шарл Мишел е разочарувачки што Давкова не кажала Северна Македонија за време на заклетвата
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вели дека е многу разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, не го употребила уставното име на државата при денешната свечена заклетва.
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, напиша Мишел на социјалната мрежа „Икс“, кој претходно во друг пост упати честитка до Давкова и нагласи дека иднината на Северна Македонија и Западен Балкан е во ЕУ.
Very disappointing that the new President of North Macedonia @gogamkd did not use the constitutional name of the country during today’s oath ceremony.
The EU recalls the importance of continued implementation of legally binding agreements, including Prespa agreement with Greece.— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
Слична беше и реакцијата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, која преку објава на социјалната мрежа „Икс“ порача дека почитувањето на Договорот од Преспа е обврзувачки за земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа.