Македонија
Стојкоски: Никогаш нема да си дозволам да одам со наведната глава поради нереализирани ветувања
Никогаш нема да си дозволам да одам со наведната глава поради нереализирани ветувања, рече Александар Стојкоски, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг.
Посочи дека ги чул сите поплаки и проблеми, има решенија и ќе ги спроведува од првиот ден кога ќе влезе во општината. Стојкоски се претстави како еден од жителите на Ѓорче, кој го живее истиот живот со истите проблеми, а за кои е дециден дека ќе бидат минато.
„Имам силно чувство дека ние сите сакаме да победиме за подобра иднина и на 17 октомври ние ќе победиме. Ќе победиме за идните поколенија. Се познаваме меѓу нас. Ме знаете како еден од вас и јас сум еден од вас. Овде се образовав, израснав, створив семејство, живеев, живеам и создавам. Се обидувам цело време да го направам Ѓорче подобро место за живеење. Ѓорче Петров е силна емоција, енергија, место што заслужува да биде подобро за живеење. Ги знам сите убави места на Ѓорче Петров, но ги знам и проблемите на жителите бидејќи и јас ги живеам. Со мојот тим поминавме во сите населени места. Речиси во сите улички. Од вас ги разбрав проблемите, знам дека ви пречат многу работи во Ѓорче. Ви пречи што треба да патувате по еден час да дојдете во своите домови бидејќи некој доцна се разбудил и разбрал дека е градоначалник. Знам дека ви пречи депонијата. Јас знам дека по секој дожд, вашите улици се претвораат во реки. Знам дека имате проблеми со канализацијата, како што знам дека Кучково остана без вода среде лето, а вода нема сѐ уште. Како што знам дека Орман нема канализација, а беше ветувана цели четири години. И нека не ве лажат ако во последниве 50 дена прават привид дека нешто работат, дека ви решиле некој проблем. Не може да ги нема на улиците четири години, а сега да се појават. Време е да заминат во минатото и никогаш да не ни се повтори. И ќе замине“, рече Стојкоски.
На митингот посочи само некои од проектите што ќе ги реализира за во Ѓорче да има достоинствен живот, општината да биде модерна и урбана. Убеден е дека ќе ја добие довербата на граѓаните, кои на 17 октомври ќе гласаат за него поради понудата што ја има, но и поради, како што рече, неговата чесност и искреност кон нив.
„Гарантираме изградба на две нови детски градинки, дограба и проширување на постојните. Сакаме Ѓорче Петров да биде без листи за чекање. Ветуваме реновирање на дотраените спортски сали, изградба на три мултифункицонални сали, гарантираме нови воншколки програми за странски јазици и ИТ-вештини. Мојата цел е да создадеме силни индивидуи. Младите ќе добијат и место во културниот центар. Општината ќе обезбеди средства за талентираните. Ќе ги поддржиме учениците и нивните ментори. Гарантираме и подгнување нови паркови, целосна реконструкција на паркот во срцето на Ѓорче. Гарантираме и целосно санирање на дивата депонија во Ново Село и нови зони за спорт и рекреација во општината. Ќе направам сѐ што е во мојата моќ да го подигнеме стандардот на жителите. Да создадеме нови инвестиции. Со реконструкција на постојните и изградба на нови урбани месни заедници повторно ќе ги отвориме нивните врати за да бидат пристапни со цел полесно да си ги решат проблемите. Стојам пред вас и ви кажувам. Гарантирам дека нема да го има проблемот со кал на улиците, тоа е носечки проект. Со Данела разговаравме како го гледаме Ѓорче. Тоа е урбано и модерно, во согласност со сите светски текови. Ќе покажеме како се решава проблемот со Лепенец. Сообраќајниот хаос во Ѓорче ќе го решиме со два кружни тека. Ќе ја продолжиме улицата Лука Геров кон Стопански Двор и Ново Село. Не, јас не сум човек што може да си дозволи да ветува проекти што не може да ги реализира. Никогаш нема да си дозволам да одам со наведната глава поради нереализирани ветувања. Сакаме да победиме и ќе победиме. На 17 октомври излезете и заокружете го бројот 7, ќе победиме за подобра иднина за сите“, додаде Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Се воведува истражувачко новинарство во наставата по Граѓанско образование за 8. и 9 одделение
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.
Модулот за истражувачко новинарство е вид на практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
„Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока“, рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.
Македонија
Силна поддршка за американските мировни напори за Украина и Европа – Мисајловски со порака во седиштето на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Мисајловски во денешното обраќање се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се превземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот.
Додаде дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 % од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски. Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои посочи министерот дека придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на KFOR и ALTHEA, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување на мир во Украина и на Европскиот континент.
По завршувањето на состанокот министерот Мисајловски замина за Минхен каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 – 15 февруари 2026 година.

