Македонија
Стразбур нема донесено одлука за аболицијата на 54 лица од страна на Иванов
Не е точно дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) одлучил дека важи аболицијата на бившиот претседател Ѓорге Иванов за 54 лица од предметите на СЈО, соопшти Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП.
Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25.9.2020 година, на одговор до Владат достави две групи апликации, кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, а во кои се проблематизираат тековни или завршени постапки од аспект на аболициите на поранешниот претседател на државата, Иванов. Поради зголемен интерес на јавноста во врска со тековните постапки пред ЕСЧП по повод поднесените апликации, а за кои имаше повеќе написи во медиумите во текот на вчерашниот ден Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, информира дека станува збор за стандардна постапка, која еднакво важи и за другите држави членки на Советот на Европа и за стандардна постапка на доставување апликации на одговор до државата. За Владата, постапка по поднесена апликација пред ЕСЧП почнува кога апликацијата поднесена до ЕСЧП, по прелиминарна оценка на нејзината допуштеност, ЕСЧП ќе одлучи да ја достави на одговор до државата.
„Во врска со апликациите, кои се во фокус на актуелниот интерес на јавноста и информацијата што се објави во дел од медиумите, државата се наоѓа токму во оваа фаза кога предметните апликации се доставени на одговор до државата.
Притоа, информацијата: „дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година, со која од прогон се аболирани 54 лица – важи, не е и не може да биде повлечена или укината. Со тоа повеќето од предметите што сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО, паѓаат во вода, мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна. Судот во Стразбур за својот став ја известил и македонската Влада уште на 14 септември и решил одлуката да се спроведе во две фази…“ не е точна, ниту вистинита зашто таква одлука од страна на ЕСЧП не е донесена, ниту доставена до институциите на Република Северна Македонија. Оттука, не може да стане збор ниту за евентуално спогодбено спроведување на одлуката на Стразбур.
За постапките, ЕСЧП на својата интернет-страница веќе објави податоци во однос на лицата што поднеле апликации, нивните наводи за повреда на ЕКЧП, како и во однос на прашањата што се упатени до страните во постапката (http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205137 и http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205253).
Текот на постапките по предметните постапки пред ЕСЧП, како и на сите други постапки пред ЕСЧП, може исто така да се провери и следува преку алатката достапна на интернет-страницата на ЕСЧП преку внесување на бројот на апликацијата (http://app.echr.coe.int/SOP/index.aspx?lg=mkd), соопшти Биро за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

