Македонија
„Странска приватна компанија ќе профитира од лекувањето македонски граѓани во македонски државни клиники“, велат од партијата Левица
„Додека македонските граѓани се борат со ниски плати, високи животни трошоци и проблеми во здравствениот систем, Владата решава да ја предаде контролата врз витално важен јавен простор на приватен инвеститор од Албанија. Според оваа срамна и скандалозна одлука, македонските граѓани се принудени на странско приватно лице да му плаќаат пристап до македонски државен здравствен клинички центар. Накратко, албанска приватна фирма со коруптивни скандали, ќе изнајмува македонски простор во македонски клинички центар на македонски граѓани – за личен профит. И тоа им е овозможено од македонската Влада“, соопшти партијата Левица.
„Ова не е само прашање на паркинг простор; ова е прашање на суверенитет и способноста на државата да управува со сопствените ресурси. Овој паркинг не е обичен комерцијален простор – тој е од клучно значење за пациентите, нивните семејства и медицинскиот персонал. Наместо да се најде одржливо, системско решение кое ќе биде во корист на граѓаните, се оди кон долгорочна концесија што може да ја доведе во прашање пристапноста и ценовната политика на овој простор.
Јасно е дека оваа одлука не е во интерес на граѓаните, туку во интерес на бизнис-елитите кои повторно гледаат можност за профит на грбот на оние граѓани на кои им е потребна медицинска помош. Загрижувачки е што вакви стратешки јавни услуги сè почесто завршуваат во рацете на приватни компании, и тоа странски, што создава ризик од потенцијална финансиска оптовареност за граѓаните. Ваквите одлуки мора да се преиспитаат бидејќи Клиничкиот центар треба да остане простор каде приоритет се здравствените услуги, а не профитните интереси.
Левица ги нуди следните предлог-решенија:
• Враќање на паркингот под државна контрола – Паркингот треба да го стопанисува јавно претпријатие, кое ќе обезбеди фер и транспарентна употреба на паркинг-просторот,
• Контрола на паркингот за да се спречи злоупотреба – Да се воведе електронска регистрација за пациенти и здравствени работници, со што ќе се спречи користење на паркингот за лични потреби од луѓе кои не се посетители на Клиничкиот центар,
• Разумни цени – Наместо да им се дозволи на приватните компании да воведуваат астрономски цени, паркингот треба да биде достапен и пристапен за сите пациенти, а приходите да се реинвестираат во здравствениот сектор.
Клиничкиот центар е место каде здравјето е приоритет, и затоа е неопходно да се осигура дека сите граѓани имаат еднаков и фер пристап до потребните услуги, без дополнителен финансиски товар во корист на приватни лица со желба и амбиција за лесен профит“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

