Македонија
Студентите може да добијат повеќе пари за субвенциониран оброк, но в година тоа ќе зависи од буџетот на државата, вели Јаневска
Зголемување на сумата од 140 денари што сега ја добиваат студентите за оброк може да има, но не оваа, туку в година. Министерката за образование Весна Јаневска денес рече дека барањето за зголемување на сумата за субвенциониран оброк од Универзитетското студентско собрание стигнало до неа.
„Јас со задоволство можам да кажам дека, ми се чини првпат, студентите имаат партнер во Министерството и не се чувствуваме како опозициски страни, напротив, се чувствуваме како пријателски страни. Сè што побарале досега беше остварено и исполнето. Ова прашање стигна до мене. Мислам дека во иднина би можеле да се договориме, но во овој момент не можам да гарантирам затоа што буџетот на Министерството за образование зависи од буџетот на државата. Секако дека ќе се залагам доколку е можно и оваа година да биде остварено затоа што јас искрено мислам дека тие треба да имаат услови за да може да учат и искрено мислам дека тие се тие што ќе придонесат за развој на државата“, рече министерката денес одговарајќи на новинарски прашања по уводот во градежните работи за основното училиште „Блаже Конески“ во скопски Аеродром.
Студентите почнаа да добиваат пари за оброк во 2020 година, а во 2023 година Собранието изгласа измени на Законот за студентските оброк, со кои предвиде износот да се зголемува со зголемување на инфлацијата, па почетниот износ од 120 денари дневно беше покачен на 140 денари. Законот предвидува еднаш годишно да се прави усогласување по завршување на фискалната година, а пред донесување на државниот буџет за следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

