Македонија
Студија: Депресивни се 53 отсто од девојчињата и 19 од момчињата на возраст на 15 години
Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА ги информира граѓаните од општина Центар и основните учлиштата дека услугите поврзани со психосоцијална поддршка, превенција од дроги, професионални советувања за ментално здравје, како и превенција и заштита од насилство, се достапни бесплатно во согласност со договорот кој е потпишан со Општина Центар.
Услугите се достапни секој работен ден, од понеделник до петок, во однапред закажан термин, за сите граѓани, вклучително и младите, учениците, наставниците и родителите, кои се соочуваат со предизвиците на секојдневието.
Како симболичен гест и во име на одбележувањето на 25-годишнината на ХЕРА се изработи мурал од уметникот Ненад Тонкин. Муралот претставува симбол на охрабрување, поддршка и солидарност против врсничкото и семејното насилство, а воедно поттикнува на дијалог и активно дејствување за создавање безбедна и поддржувачка училишна средина.
„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто се соочуваме со случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај деца и адолесценти, предизвикани од навреди, исклучување или насилство од врсниците како во училиште така и онлајн. 53 % од девојчињата и 19 % од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение, покажуваат податоците од студијата ХБСЦ. Потребна е заедничка акција од родителите, училиштата и од институциите за да се создаде безбедна и поддржувачка средина, каде што младите ќе се чувствуваат прифатено и ќе добијат навремена психосоцијална поддршка. Менталното здравје не е луксуз, туку право на секое дете. Апел до младите: молкот не е одговор, сподели и побарај поддршка кога ти е потребно!“
„Стручните служби во училиштата континуирано работат со ученици и родители во согласност со внатрешните процедури, но кога е потребна терапевтска интервенција, постојните ресурси не секогаш се доволни. Со вклучување на советувалиштата на ХЕРА, кои се дел од системот на социјална заштита, училиштата добиваат дополнителна поддршка за случаи кога учениците, семејствата или старателите имаат зголемени потреби“, истакна Ана Попризова, психотерапевтка и училиштен психолог.
„Нашата цел е да создадеме амбиент на сигурност за целосен развој на нашите деца за да може да ги реализираат своите потенцијали во вистинска насока – тоа се радост, среќа, љубов, разбирање и поддршка. Со оваа порака создаваме визуелна и модерна комуникација, достапна за сите на кои им е потребна. Приказната што ја презентираме е мотив да се помогне и отворено да се говори за ситуации и случувања на кои секојдневно работи и тимот на стручната служба во воспитно-образовниот процес“, изјави Гордана Јаневска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“.
ХЕРА продолжува со својата мисија за унапредување на менталното здравје и борба против родово базираното насилство преку соработка со локалните самоуправи, училиштата и заедницата.
За повеќе информации и закажување термини граѓаните може да се обратат во советувалиштата на ХЕРА:
1. Прв семеен центар 🕘 отворен: понеделник, среда и петок (9 – 16 ч); вторник и четврток (12 – 19 ч) 📞телефон: 02/3200 007, +389 70 249 596 📧 е-пошта: [email protected];
2. Центар за поддршка и советување момчиња и мажи – ММ-центар 🕘 отворен: од вторник до четврток (10 – 17 ч) 📞телефон: +389 70 299 026;
3. Советувалиште за превенција од употреба на алкохол и дроги во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно 📞телефон: +389 2 3176 950.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

