Македонија
Сугарески на меѓународна конференција во Љубљана
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, учествува на меѓународната конференција „ТЕН-Т денови 2018” која се одржува во Љубљана, Словенија.
Во рамките на конференцијата што е посветена на развој на инфраструктурата во регионот, со посебен акцент на граничните премини и олеснување на транспортните услуги, министерот Сугарески ги претстави целите и проектите на Македонија за олеснување на транспортот на стока и патници со соседните земји.
„Во рамки на агендата за поврзаност, во тек е проект-студијата за олеснување на граничните постапки на седум гранични премини, дел од СЕЕТО главната и сеопфатната мрежа во Република Македонија. Во моментов, на сите гранични премини контролата се врши од двете страни на границите за патници и за стока. Наша заедничка цел кон која треба да се стремиме е воспоставување заеднички контроли на одредени гранични премини, за што Република Македонија има веќе преземно конкретни чекори”, истакна Сугарески.
Mинистерот во своето обраќање го потенцираше проектот за изгрaдба на заеднички железнички премин со Република Србија што треба да се изгради кај Табановце.
„Како позитивен пример се интензивните активности што ги преземаме заедно со Република Србија кои треба да резултираат со современ заеднички граничен железнички премин. Што се однесува до олеснување на постапките за транспортните услуги со Косово, во наредниот период заедно со мојот колега од Косово ќе треба да ги дефинираме идните активности, имајќи предвид дека, согласно со ратификуваната спогодба, заедничката гранична железничка станица е предвидено да биде на косовска територија. Се надеваме дека во периодот кој претстои вакви спогодби ќе потпишеме и со Република Грција за двата гранични премини”, истакна министерот.
Во рамките на конференцијата, Сугарески оствари неформална средба со еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, на која се разговараше за инфраструктурани проекти во Република Македонија и нивното финансирање со поддршката што ја овозможува Европската Унија.
Исто така, министерот Сугарески оствари и билатерални средби со министрите за транспорт од регионот, на кои ги потенцира заложбите на Република Македонија за реализација на крупните инфраструктурани проекти за регионално поврзување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

