Македонија
Судијата Наќе Георгиев се спогоди и доби казна од три години затвор
Врховниот судија Наќе Георгиев призна дека земал мито, се спогоди со Обвинителство и доби казна затвор од три години како и забрана да биде судија или правник во наредните три години.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска склучи Предлог – спогодба со осомничениот Н.Г. за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.7 в.в. ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик. Потпишувајќи ја предлог – спогодбата осомничениот Н.Г. не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Според прибраните докази и описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата, осомничениот Н.Г. од 06.04.2024 година до 20.05.2024 година во Струмица и Скопје, како службено лице – судија во Врховен суд на РСМ со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра во денарска противвредност од 922.500,оо денари. Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик. Притоа Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор. Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.
По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание. Откако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, осомничениот Н.Г и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип. Осомничениот Н.Г кој пристигнал со ПМВ Ауди А6, излегол од истото и влегол во возилото на сведокот, ПМВ Пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10.000 евра. Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени.
Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор. Воедно, бидејќи ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело“, велат од ОЈО-ГОКК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“
Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.
Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.
Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.
Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.
Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Фото: ЕПА
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.

