Македонија
Судијката Павловска-Данева: Во европските држави доминира ставот дека редовните судови не може да одбијат примена на законите кои ги сметаат за неуставни
Судијката на Уставниот суд, проф.д-р Ана Павловска-Данева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми Одлуки на Уставниот суд vis – a – vis Одлуки од редовно судство” на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје.
Во фокусот на нејзиното излагање беше темата за „Кохабитација на Уставниот суд и редовните судови во Република Северна Македонија”.
Проф. д-р Павловска-Данева потенцираше дека во македонската правна рамка недостасуваат процесни одредби за постапувањето на редовните судови во врска со извршувањето на одлуките донесени од страна на Уставниот суд, а во врска со поднесено барање за заштита на човекови права и слободи.
„Секој обид за толкување на одредбите од новиот Акт на Уставниот суд и Законот за судовите (како и за примена на веќе непостоечката одредба од Деловникот на Уставниот суд кој му претходеше на новиот Акт) во правец на постоење надлежност на Уставниот суд да поништи правосилна одлука на редовното судство, се судира со неможноста за реална имплементација на ваквите одлуки на Уставниот суд заради отсуство на посебни процесни норми во македонската легислатива со која се уредува судското постапување – Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка и Законот за управните спорови. Ова би значело дека останува задача на редовното судство преку својата пракса (која е исклучително скромна) да ги уреди правилата на сопственото постапување во случај на поништување на негова одлука од страна на Уставниот суд, што претставува непосакувана реалност”, потенцираше Павловска-Данева.
Како втора, но исклучително значајна тема која предизвикува дилеми генерално, не само во нашата држава, судијката проф. д-р Павловска-Данева ја посочи следната: „Дали и како редовните судови може да ценат уставност на некој закон во текот на водењето на судска постапка?”
Анализирајќи како е нормирано ова прашање се доаѓа до заклучок дека при своето правораздавање и одлучување во конкретни предмети, судиите во редовното судство можат да ја ценат и уставноста на законите, така што нема да применат извесен (според нив неуставен) закон, решавајќи го предметот непосредно врз основа на Уставот или поднесувајќи иницијатива пред Уставниот суд.
„Уставот предвидува дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, што имплицира дека судијата може и непосредно да го примени Уставот кога цени дека извесен закон е неуставен, а како потврда за издржаноста на ваквата интерпретација се јавува и членот 18, став 2 од Законот за судовите каде е предвидено дека доколку судот смета дека законот што треба да се примени во конкретниот случај не е во согласност со Уставот, а уставните одредби не можат директно да се применат, ќе ја прекине постапката до донесување на одлука од страна на Уставниот суд”, вели судијката Павловска-Данева.
Како примери од судската пракса во оваа насока ги наведе постапувањето на Кривичниот суд во Скопје кој пред донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка, директно ги има применето уставните Амандмани при носење на одлука за времетраење на притворот. Исто така, го спомена и примерот од минатата година кога дел од одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од 2023 година, во поглед на новиот рок за застареност не беа применувани од страна на судиите во основните граѓански судови, оценувајќи го ова одлучување како еден вид на т.н. „пасивна“ оцена на уставноста на конкретниот Закон преку негово игнорирање. Дел од анализата на оваа тема е Законот за Управните спорови од 2019 година кога судиите одбиваа да применат одредба со која законодавецот предвиде рок за поднесување тужба за поведување на т.н. претходен управен спор или спор на молчење на администрацијата – законска одредба која несомнено беше спротивна на уставно-загарантираното право на секој граѓанин на судска заштита против актите и дејствијата на државата.
„Во последните два случаи, судиите не се одважија да донесат одлуки засновани непосредно врз основа на одредба од Уставот, ниту пак ја искористија законската можност од чл. 18 од Законот за судовите да ја запрат судската постапка и да поднесат иницијатива за оцена на уставноста на законот пред Уставниот суд. Едноставно, по пат на игнорирање не ги применуваа законските одредби за кои сметаа дека се спротивни на Уставот”, заклучи судијката проф. д-р Павловска-Данева.
Нашата домашна пракса е скромна по овие прашања, но европската литература препознава бројни примери за судир на надлежностите на уставните наспроти оние на редовните судови, судијката. За изработка на трудот кој следи од одржаната Конференција, земено е во анализа компаративно искуство на кохабитирањето помеѓу Уставните судови и редовното судство во Полска, Италија, Германија и Португалија. Особено е ценето мислењето и на Венецијанската комисија која го истакнува ова прашање како слабост на централизираниот модел на уставна контрола, напоменува судијката проф. д-р Павловска-Данева во своето излагање на Правниот факултет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

