Македонија
Судот го одложи судењето, Штекли добил епилептичен напад
Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога, е одложено за 9 октомври. Одлагањето следува по епилептичен напад на првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли, пред почетокот на рочиштето. По укажана лекарска помош, тој одбил да прими терапија.
Судијата Илија Трпков ја донесе одлуката за одложување, истакнувајќи дека ќе се почитуваат правата и здравствената состојба на обвинетите, но и дека секој обид за одолговлекување ќе биде санкциониран.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, пред судот изјави дека епилептичен напад на лице со дијагностицирана епилепсија не може да се третира како нарушување на редот во судницата. Тој посочи дека обвинетиот ниту еднаш не го нарушил редот на расправата и дека нападот се случил непосредно пред почетокот на главното рочиште. Дуковски додаде дека одбраната нема интерес да го одолговлекува процесот. Додаде дека обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи.
Во предметот обвинети се вкупно 10 лица, за организирана продажба на кокаин и марихуана, по речиси едногодишна истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

