Македонија
Судот нe му го врати пасошот на Мијалков за да се лекува во Чешка

Кривичниот суд нема да му го врати пасошот на Сашо Мијалков, осуден во „Титаник 2“, за да се лекува во Чешка.
„Во однос на укинувањето на мерката за претпазливост – привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање нова, кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, по добивање на целокупната документација, се обрати до надлежното обвинителство, од каде што е добиено негативно мислење во однос на барањето. Советот на одржана седница по разгледување и ценење на барањето и мислењето на надлежното обвинителство, донесе решение со кое барањето го одби како неосновано“, соопштија од Кривичниот суд.
Против ова решение ексдиректорот на УБК има право на жалба до Апелациониот суд во рок од три дена. Претходно, СЈО даде негативно мислење за лекување на Мијалков во странство.
Мијалков е неправосилно осуден на три години затвор за примање награда за противзаконито влијание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Скопје и околината

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 22 часот и 43 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на соседно Косово, 39 км североисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.6.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Скопје и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.