Македонија
Судот се брани: Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки вината е на судството
Кривичниот суд излезе во јавноста со соопштение во врска со претходните судски постапки што биле водени против 20-годишниот Васил Јованов, кој ја усмрти младата Фросина Кулакова на улицата „Партизански одреди“.
Од судот за затекнувањето со дрога лани велат дека Јованов бил првостепено осуден со пресуда по која постапувала судијата Даниела Алексовска-Стојановска.
„Поради неговата возраст, со неполни 20 години, а во согласност со одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка: заводска мерка – упатување во воспитно-поправен дом, каде штпо во согласност со чл. 48 ст. 3 и ст. 4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години, односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се пресметува и времето поминато во притвор, по истиот предмет од 2.4.2024 година до 12.8.2027 година“, објаснуваат од Кривичен.
Од тука велат дека во согласност со одредбите во законот мерката притвор не може да опстојува поради што јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција.
„Предметот на 7 ноември минатата година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде што сѐ уште не е вратен на евентуално извршување“, велат од Кривичен.
Понатаму, како што се додава, во согласност со евиденцијата на судот Јованов не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. Исто така, до овој момент до судот не е процесирана друга кривична пријава ниту, пак, прекршочна пријава од областа на сообраќајот, а лицето е евидентирано, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена поради нарушување јавен ред и мир.
„Како суд изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата што се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело со друго кривично дело сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот по 7 месеци од донесената пресуда, со која тој треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па поради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја, како и меѓународните конвенции за човекови права, тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде што често се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид кој било граѓанин што претходно не бил во судир со законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва поради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и непоседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“, се вели во соопштението на судот.
Во врска со смртта на Кулакова, возачот Јованов е во притвор во траење од 30 дена поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоците и опасност да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

