Македонија
Судските административци до пратениците: Надминете сè и изгласајте буџет со повисоки плати
Пратениците да се надминат себе си и да изгласаат буџет што ќе гарантира зголемување на платите. Ваква порака упатија денес на протест пред Собранието вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од канцеларијата на Ннродниот правобранител.
Протестот е во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Говорниците на протестот го искажаа својот револт бидејќи во предлог-буџетот, кој е пред пратениците не е превидено покачување на платите на судската администрација и побараа поддршка од народните избраници.
Остри критики упатија и до вицепремиерот Фатмир Битиќи поради изјавата дека судската администрација е виновна за одолжување на предметите, а ќе треба да се скрати од пензиите и од оброците на студентите ако ги зголемат платите во здравството и во Обвинителството.
„Судскиот совет е надлежен за нашата работа, вие грижете се за она што е во ваша надлежност“, му порачаа на Битиќи додавајќи дека времетраењето на постапките не зависи од судските службеници, туку од судиите. Го повикаа вицепремиерот да дојде и да праша кој од овие вработени има 37.876 плата колку што изнесува новата вредност на просечната плата за септември.
Бојан Ристески, претседател на Независниот синдикат на државната администрација, беше дециден: „Бараме европски плати за нив, европски плати за нас“.
Рече дека се подготвени преку дијалог и преговори да го решаваат проблемот.
Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судската администрација, изјави дека вработените во судската служба имаат досега најголема разлика со платите на судиите, а толкава разлика никогаш досега не била забележана.
Вчера, премиерот рече дека правото на протест е загарантирано, ќе продолжат преговорите со претставниците на синдикатите, но покачувањето на платите ќе биде во соглaсност со можностите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.