Македонија
Судскиот совет: Преку посебна антикорупциска комисија ќе ја вратиме довербата на граѓаните во судството
Пред неколку месеци формирана е посебна комисија за борба против корупцијата со обврска да ги анализира пријавите за корупција во судството за да утврди дали информациите и податоците oд граѓаните што пријавуваат се веродостојни, информираат од Судскиот совет по повод Светскиот ден против корупцијата.
Од таму нагласуваат дека преку спроведувањето реформи во судството настојуваат да изградат механизми за спречување на корупцијата и за заштита на човековите права.
„Во тек е процес на целосна дигитализација на судскиот систем, со што ќе се олесни комуникацијата на граѓаните со институциите, но дигитализацијата ќе овозможи и полесен увид во работата на судиите, со што тие ќе бидат потранспарентни, а тоа ќе значи нивно независно и објективно одлучување и помала склоност кон корупција.
Судскиот совет усвои методологија за квалитативно оценување на судиите, како и методологија за сложеност на судски предмети. Со нивната примена ќе може да се прави пошироко, подиректно и поверодостојно оценување на работата на судиите што ќе придонесе за нивно поодговорно постапување, како и носење пресуди исклучиво врз докази. Континуираниот мониторинг ќе ги намали ризиците од корупција.
Практично, крајната цел на системот што сака да го воспостави Судскиот совет преку дигитализацијата, преку надградбата на АКМИС-от, преку новите методологии за оценување и за утврдување сложеност на предмети, е да имаме ажурно судство со испорачување брза и ефикасна правда. Тоа ќе ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем и ќе придонесе кон искоренување на корупцијата“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека со последните измени во Законот за Судскиот совет, преку кои се отворила можност секој да поднесе иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се смениле бројките со поднесени барања.
„Ако во изминатите години Судскиот совет имаше само по неколку барања годишно, годинава има 50-ина иницијативи за испитување одговорност кај судии“, се наведува во соопштението.
Во него уште еднаш се апелира граѓаните што имаат сознанија и информации за случаи на корупција во судството веднаш да ги пријават.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

