Македонија
Судско обвинителскиот систем е пример за заробено судство – Мицкоски решението го гледа во целосна реформа и департизација
Судско обвинителскиот систем е пример за заробено судство во кој има некои кои се слепи послушници на СДСМ и ДУИ, решението е целосна реформа и департизација. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на пратеничко прашање за состојбите во правосудството и Академијата за судии и обвинители.
Мицкоски вели дека од страна на судскиот совет и советот на јавни обвинители се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Нешто што досега не е запаметено.
„Имаме демократски избрана власт со повеќе од 600.000 гласови, а од друга страна има неколкумина во судската власт кои се слепи послушници на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Отприлика вака функционира нашиот судско-обвинителски систем“, посочи Мицкоски.
Рече и дека за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите, Судскиот совет ја избрал Антоанета Димовска, сестра на поранешната пратеничка на СДСМ Снежана Калевска Ванчева.
„Таа е избрана од страна на Судскиот совет за член на управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители и тоа е спротивно на закон, бидејќи не е од редот на судиите, односно е член на судскиот совет, што претставува избрана или именувана функција и не смее истовремено да врши функција во орган на управување, како што е УО на Академијата за судии и јавни обвинители. Има судир на интереси“, посочи Мицкоски и дополни дека за нејзин заменик е назначена Емел Кранли, прва братучетка на Ветон Кранли – љубител на монети и близок соработник на Оливер Спасовски кој своевремено го назначил за началник на оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ.
Исто така, вели Мицкоски, за член на УО во Академијата од редот на јавните обвинители, Советот на јавни обвинители ја назначил Душица Димитриеска, мајка на Ема Нешкоска, инаку актуелен член на Советот на Општина Гостивар од СДСМ и кандидат за пратеник на пратеничката листа од истата партија во изборна единица 6 на последните парламентарни избори.
Мицкоски истакна дека секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш веднаш излегуваат експерти, кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, да ги бранат позициите дека тоа не може да се направи.
Според премиерот, решението и натаму е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, затоа што ако вака продолжи следниот извештај на ЕК нема да биде ваков, туку ќе биде негативен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

