Македонија
С.Македонија и БиХ меѓу земјите каде што состојбата со коруцијата највеќе се влошува

Индексот на перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл (ЦПИ) за 2020 година ги рангира Северна Македонија и Босна и Херцеговина (БиХ) меѓу земјите во светот каде што состојбата на корупција најмногу се влошува. Двете балкански земји се најдоа на 111. место на листата од вкупно 180 земји, позиција којашто ја делат заедно со Панама и Монголија. Земјава бележи пад од осум места во споредба со состојбата во 2012 година.
Северна Македонија е најлошо рангирана во регионот, со 35 бодови. Словенија има најдобра позиција во регионот со 60 бодови, по што следи Хрватска – 47, Црна Гора – 45, Србија -38 и Косово со 36 бодови. Најдобри земји на глобално ниво според Индексот на перцепција на корупцијата се Данска, Нов Зеланд, Финска и други западни земји со висок степен на демократија. Земјите погодени од војна, беззаконие и диктатура се најдолу на листата, а годинава меѓу нив се најдоа Сирија, Сомалија и Јужен Судан.
Според извештајот пандемијата на Ковид-19 ја одбележа изминатата година, но и целосно го разоткри најтемното лице на корупција, чија цена граѓаните, за жал, ја плаќаат со својот живот. Институциите парализирани од корупцијата му дадоа приоритет на бескрупулозниот грабеж на јавни средства, на штета на обезбедувањето соодветна здравствена заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.