Македонија
Таравари: МВР да не ги штити бандитите кои истепаа професори
Во историјата на Гостивар никогаш не се случило партиски војници да влезат во училиште и да тепаат професори, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во врска со обвинувањата и тврдењата на Алијансата на Албанците дека активисти на ДУИ истепале професори во гостиварската гимназија.
„Насилството кон двајца професори од страна на поранешен затвореник, телохранител и возач на Невзат Бејта, и од страна на синот на директорот на училиштето, кој исто така е познат како проблематичен. Тие влегле во училиштето вооружени, а целата ситуација била оркестрирана од страна на директорот на училиштето, кој изутрината му рекол на еден од истепаните професори – ќе видиш што ќе те снајде. Така и се случи, двајцата професори завршија со сериозни повреди во неврохирургија во Скопје“, рече Таравари.
Тој побара од Министерството за образование и наука да му се вратат ингеренциите на градоначалникот, а надлежните органи целосно да го расветлат случајот и сторителите да бидат соодветно казнети.
„Рековме дека одземањето на надлежностите во образованието ќе носи последици и ете ги гледаме последиците. Бараме од Министерството за образование и наука да ни ги врати овластувањата, да се суспендира директорот на гимназија како сценарист на овој напад, бараме од Министерството за образование да ја информира општината кои чекори се преземени за конкретниот случај. Ние како општина формиравме комисија која го истражува случајот, зошто дојде од овој насилен инцидент, а од МВР бараме да не ги штити бандитите и да го расветли случајот. Јас сум многу убеден дека ако тој ден напаѓачите беа активисти на Алијансата на Албанците, тие ќе беа денес во затвор. Додека двете лица кои ги истепаа професорите слободно се шетаат и им се закануваат на граѓаните и на другите активисти на Алијанасата за Албанците“, изјави Таравари
Таравари нагласи дека не сака одмазда, но инсистира на тоа надлежните органи да ја извршуваат својата должност во корист на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за камиони на планинскиот премин Стража и на крак Маврово – Дебар
Во 08:00 часот се укинати забраните за тешките товарни возила на планинскиот премин Стража и на крак Маврово – Дебар, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.

