Македонија
Таравари: Претседателството ќе биде институција отворена за секој граѓанин, ќе биде репрезент на реалноста на нашето општество
На минатонеделната прес-конференција претседателскиот кандидат Арбен Таравари го претстави првиот дел од неговиот претседателски кабинет, чиј состав, како што кажа, ќе се гради врз принципите на инклузивност и меритократија.
„Со мене како претседател по нашата победа на 8 мај, Претседателството ќе биде институција отворена за секој граѓанин. Претседателството ќе биде и репрезент на реалноста на нашето мултинационално, мултиетничко и мултикултурно општество. Граѓаните заслужуваат да бидат претставени од квалификувани и докажани луѓе во различни области од јавниот живот, од најдобрите меѓу нив, чиј придонес ќе се прошири на сите слоеви на општеството. Денеска продолжуваме со претставување на уште една група експерти од мојот претседателски кабинет, кои се докажани професионалци во академскиот свет, во приватниот и во јавниот сектор. Покрај стручноста и професионалниот придонес, секој од нив ја докажал и својата посветеност на сеопфатен општествен напредок во одредени каузи. Овие луѓе најдобро ја знаат и ја претставуваат реалноста на нашето општество“, рече Таравари.
„Сите тие ја делат истата посветеност да им служат на граѓаните на Северна Македонија, без етнички, верски или политички разлики. Сега дозволете ми да ги претставам членовите на мојот кабинет кои се пред вас денес: Амбасадорот Халим Хида ќе биде дипломатски советник на Претседателството. Амбасадорот Хида докторирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Филозофскиот факултет. Моментално е амбасадор на мирот во светот и претседател на Здружението на албанските интелектуалци во Куманово и Липково. Јасмин Калац ќе биде правен советник на Претседателството. Јасмин магистрирал право на Универзитетот Кирил и Методиј а докторирал кривично право на Универзитетот во Анкара. Јасмин работел во Основното јавно обвинителство Скопје, а сега е правник и предавач на Меѓународниот Балкански Универзитет. Урим Вејсели ќе биде советник за безбедност и заштита. Тој е доктор по политички науки, вонреден професор, предавач на повеќе факултети во Република Северна Македонија и Косово, гостин-говорник на Универзитетот Џон Хопкинс САД и на Институтот за одбрана за меѓународни правни студии во САД. Автор и коавтор на научни трудови со импакт фактор. Експерт за одбрана и управување со кризи. Др. Аријанит Река – портпарол, вонреден професор на отсекот хемија при Факултетот за математичко-природни науки, Универзитет во Тетово. Фулбрајт алумни од Соединетите Американски Држави, докажан професионалец, автор на многу научни публикации. Со овој одличен тим од докажани професионалци, имам непоколеблива доверба дека ќе ги носиме напред идеалите на ВРЕДИ, кои всушност се најточниот одраз на очекувањата и надежите на граѓаните за промени, просперитет и благосостојба за земјата и нивните семејства. Со овие луѓе со добра волја ќе ги надминеме предизвиците пред нас и ќе ја урнеме 22-годишната тиранија на владејачката партија. Затоа велам ПРОМЕНАТА ВРЕДИ.
Почитувани сограѓани, придружете ни се на ова патување, со вашите идеи и барања. Јас и мојот тим сме тука да ве слушаме. Ќе слушаме, ќе разговараме и ќе се грижиме за секој од вас. Како претседател, заедно со овој тим, ќе бидеме обединувачки фактор и ќе работиме во најдобар интерес на сите граѓани на Северна Македонија, но и на генерациите што ќе дојдат после нас“, кажа на прес-конференцијата, претседателскиот кандидат, Арбен Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Доста ни е од веќе видени пратеници и од гласање за помалото зло
„Во програмата имаме 13 поглавја кои го опфаќаат секој аспект од општественото живеење. Главната порака до граѓаните е да го заокружат бројот 5 на гласачкото ливче и да дозволат млади неподмитливи луѓе да ги застапуваат, бидејќи доста ни е од веќе видени пратеници и од веќе видено гласање за помалото зло. На тој начин ќе спречиме многу штетни политики“, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев од Прилеп, презентирајќи ја предизборната програма на неговата партија во пресрет на парламентарните избори.
-По првиот круг не паѓаме со духот, туку продолжуваме со првичната замисла, додаде Апасиев.
Партијата Левица очекува поддршка од прилепчани каде, како што велат од оваа партија, имаат реална основа за тоа.
– Земјоделството мора да биде планско. Планираме да се пополнуваат стоковите државни резерви строго со домашно производство, со однапред склучени договори за земјоделците да имаат некаква сигурност во производството. Планираме фиксни откупни цени, државни откупни центри за да не можат прекупците да ја местат цената како што ним им одговара, ладилници за складирање на произведената храна од кои ќе се снабдуваат Армијата, градинките, училиштата, болниците. Мерките, генерално ни се насочени кон државна интервенција во земјоделството, а не да биде оставено стихијно. Во стопанството планираме рестартирање или отворање државни профитабилни фирми во секоја стратешка стопанска гранка, рече носителот на кандидатската листа на пратеници во четвртата изборна единица, Сашко Јанчев при претставувањето во Прилеп.
Македонија
Спасовски од Шуто Оризари: Да не се попречува изборниот процес
Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата за европска иднина од ИЕ2, Оливер Спасовски, имаше свое обраќање во Шуто Оризари.
„Денеска продолжуваме со изборната кампања во Шуто Оризари на разговор со граѓаните за претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Сакам да се сретнеме со сите граѓани, да влеземе во секоја куќа во општината Шуто Оризари, да поразговараме со секого за нашата перспектива на Македонија”, рече Спасовски. Притоа, тој ја истакна важноста да се гласа на 8 мај.
„Многу е важно граѓаните да останат смирени и овој втор круг од изборите да помине во демократска атмосфера. Упатувам порака до сите оние се дрзнуваат на било кој најчин да го попречуваат изборниот процес, да се закануваат, да навредуваат, да останат на ниво на демократски вредности. Да ги почитуваат граѓаните и на мирен, фер и демократски начин да заврши изборниот процес. Воедно ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на изборите на 8 мај, да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски заокружувајки го бројот 1, и да гласаат за листата на пратеници исто така под број 1 за коалицијата за европска иднина”, порача Спасовски.
Македонија
Меџити: Сите бегаат од ДУИ како од корона
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, чија партија е дел од коалицијата ВЛЕН рече дека „на ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба албански партнер како ВЛЕН, за да биде целосна сликата“.
-Од ДУИ денес сите бегаат како од корона. Дури и ВМРО-ДПМНЕ и Максим Димитриевски бегаат од ДУИ и не сакаат влада со нив, рече Меџити на средби со граѓани во општина Чаир и во Сарај.
Ветува решавање на клучните проблеми на граѓаните во нивните општини.
За Меџити, само на тој начин ќе се претендира за европски вредности и европски фронтови. Немањето канализација и елементарни услови за живот е недозволиво, истакнува тој.