Македонија
Таравари сака претседателот да се избира во Собрание, а не на избори: „ДУИ да ја поддржи мојата кандидатура“
Кандидатот за претседател на Македонија од страна на албанскиот опозициски блок, Арбен Таравари ги објави целите поради коишто се вклучил во претседателската трка.
Таравари посочи дека тој и неговите партнери планираат за првпат албанскиот кандидат да влезе во вториот круг на претседателските избори, но и да отворат дебата за функцијата претседател во нашиот политички систем.
„Мојата претседателска платформа ќе се гради токму околу зајакнувањето на консензуалната демократија, во линија на мислата на Арбен Џафери. Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: Внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот; Отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик; Изборот на претседател да се прави во Собрание а не повеќе преку избори“, рече Таравари.
Според него, на овој начин, во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции.
„Ги повикувам Албанците и ДУИ, која се уште се двоуми кого да кандидира и која во минатото поддржувала и македонски кандидат за претседател, повикувајќи се на консензуализам, да ја поддржат мојата визија и мојата кандидатура. Сега ја имаме можноста заедно да ја зајакнеме консензуалната демократија на уставен начин. Сега можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции по автоматизам да им следи на Албаниците, како втор мнозински народ во Македонија“, вели Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

