Македонија
Тасевска од СДСМ: Кога ќе влеземе во ЕУ платите ќе бидат за 70 до 100 отсто поголеми од сега
Во последните неколку години економските и интеграциските политики на СДСМ донесоа поголеми плати и пензии и економската стабилност во услови на повеќе кризи, рече на денешната прес конференција пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска.
Според неа, податоците се особено јасни ако се спореди со времето на ДПМНЕ, кога земјата беше 11 години во изолација и скарана со целиот демократски свет. Стапката на невработеност во 2016 година беше речиси 24%, СДСМ успеа да ја намали драстично и денес е околу 14%. Само за една година имаме зголемена вработеност од 9,5%.
Тасевска истакна дека минималната плата на работниците во државата, во 2016 година со ДПМНЕ изнесуваше 10.000 денари а во некои сектори и 8.000 денари, додека СДСМ неколкупати ја зголеми минималната плата и од оваа година изнесува 21.000 денари што е двојно повеќе во однос на ДПМНЕ.
Таа истакна и дека просечната нето плата во 2016 година изнесувала околу 22.000 денари, а СДСМ го остварило изборното ветување пред време и во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари.
– Со политиките на СДСМ 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата, рече Тасевска.
Таа истакна дека со членството во Европската Унија овие економски резултати ќе бидат значително поголеми, а според неа во првите 5 години од членството работниците ќе имаат повисоки плати од 70 до 100 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

