Македонија
Тестовите за голема кашлица и реагенсите во исклучените фрижидери на ИЈЗ се исправни, одделот бактериологија продолжува со работа

Тестовите за голема кашлица и реагенсите во исклучените фрижидери се исправни, соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) откако пред два дена комората и фрижидерот на одделението бактериологија биле оставени без електрично напојување поради исклучен осигурувач.
Од институтот велат дека веднаш бил направен увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм, од комората и фрижидерот кои беа исклучени од електрично напојување.
„Вчера беа направени сите неопходни микробиолошки анализи за проверка на квалитетот и исправноста на истите, а за добивање на резултат беа потребни 24 часа. Денес, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија“, велат од ИЈЗ.
Воедно превземени се дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност. Раководството на ИЈЗ најави дека ќе ги имплементира сите работни процедури во насока на подобрување на безбедноста како и унапредување на квалитетот на услугите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.