Македонија
Тошковски ги посети пожарникарите во Кочани: Со 324 пожари само во 2024 година одговорноста е огромна
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес при посетата на кочанскиот крај ги посети и припадниците на Доброволното противпожарно друштво Кочани и Територијалната противпожарна единица Кочани.

„Овие храбри луѓе, со огромна посветеност ги покриваат не само Кочани, туку и општините Зрновци и Чешиново-Облешево. Со 324 пожари само во 2024 година, нивната одговорност е огромна, а меѓусебната соработка меѓу ДПД и ТППЕ е на завидно ниво. Имав можност да ги видам нивните ресурси, да ги слушнам предизвиците со кои се соочуваат и да разговараме за тоа како да изградиме поефикасен систем за справување со пожари и елементарни непогоди. Јасно е дека се потребни сериозни системски реформи за да обезбедиме брза, ефикасна и координирана реакција во секоја кризна ситуација. Како министер ќе направам сè што е во моја моќ за да ги поддржиме овие храбри луѓе и заеднички да вложуваме во иднината на доброволните противпожарни друштва.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски изрази благодарност до сите пожарникари и доброволци за нивната пожртвувана работа која е од непроценливо значење за безбедноста на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје, од 30 – 40 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка и до 50 метри на планинските превои Буково и Ѓавато, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, соопштуваат од АМСМ.

