Македонија
Тошковски во станици на граничните премини: Некаде фалат луѓе, вработени работат без вода, нема систем за евиденција на возила

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на четири полициски станици кои покриваат дел од граничните премини и граничниот надзор на западната граница, односно полициските станици Ќафасан, Франгово, Џепиште и Блато каде одржа работни состаноци со раководствата со цел непосредно да се запознае со нивната работа и проблемите со кои се соочуваат.
Полициската станица за гранични проверки Ќафасан каде е имплементиран системот “one stop“ се соочува со слаба кадровска пополнетост од само 37% и не може да одговори на потребата од зголемување на бројот на активни ленти во една смена, нешто што е барање и од албанска страна. На овој граничен премин функционира и заеднички контакт центар со албанската полиција кој е имплементиран со финансиска поддршка на ЕУ и ОБСЕ.
Полициската станица за граничен надзор Франгово исто така се соочува со сериозна кадровска пополнетост и граничната линија од 23 километри за која се надлежни, а ја покриваат со само 3 полициски службеници во една смена.
„Особено ме загрижи она што го видов при посетата на Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Џепиште. Овој премин функционира со ограничено време на работа, а полициските службеници работат во контејнер со супстандардни услови, каде немаат вода. Исто така, во оваа станица не функционира систем за контрола и евиденција на патници и возила“, дециден беше министерот Тошковски.
Тошковски елаборираше дека на граничниот премин Блато дневно поминуваат во просек по 2.200 патници, а во една смена функционира само една кабина поради тоа што пополнетоста со полициски службеници е на ниско ниво од само 35%. Од страна на вработените во оваа полициска станица ми беше посочено дека се соочуваат со недостаток на униформи, а го истакнаа и проблемот со голем број на случаи со шверц на добиток и несоодветните услови за чување на одземените животни. Во иднина треба да се разгледа и можноста за воведување на “one stop“ систем и на овој премин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес регистриран во Кичево, Охрид и околината

Земјотрес со интензитет од три степени по Европската макросеизмичка скала синоќа е регистриран во земјава.
Епицентарот на земјотресот потекнува од епицентралното подрачје Кичево, 75 км југозападно од Скопје.
Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје утринава информираше дека земјотресот е регистриран вчера во 20 часот и 39 минути и е со Рихтерова локална магнитуда, 2.7..
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Кичево, Охрид и околината.
Македонија
Сончево и топло време со температури до 34 степени, попладне краткотраен дожд

Синоптичарите за денеска најавуваат сончево и топло време со слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, слично време со мала до умерена облачност попладне. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Топлото време ќе се задржи и следните денови. Во понеделник во попладневните часови во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи и ќе дува слаб до умерен северен ветер, којшто веќе од вторник ќе го промени правецот во јужен. Од четврток веќе се очекува извесно зголемување на облачноста.
Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.