Македонија
Тошковски: Општество кое има сигурни и безбедни новинари е демократско општество
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, во Клубот на новинари учествуваше на заедничка прес конференција организирана од Здружението на новинари на Македонија на тема „ЗНМ, Јавно обвинителство, МВР – Заеднички напори за институционална заштита на медиумските работници“.
Тошковски потенцираше дека новинарите претставуваат чувари на демократијата и во општество во кое има слобода на говор, истражувачко новинарство, сигурни и безбедни новинари, може да каже дека е општество кое се движи по патот на едно демократско општество.
„Секаков тип на закана, физичка или вербална, особено кога е насочена кон новинари, треба да има сериозен аларм во рамки на работењето на министерството за внатрешни работи и во рамки на работењето на сите истражни органи, ако сакаме да имаме нормално општество. Се надевам дека во изминатиот период, во рамки на сите случаи, МВР реагирало соодветно и во иднина мораме да се фокусираме максимално транспарентно, посветено и професионално да реагираме на сите овие случаи, и тоа не на декларативно ниво, туку и МВР, ЈО и Судот за овој тип на предмети да дадат соодветно значење, се со цел на крајот на денот, новинарите како чувари на демократијата да ја имаат соодветната заштита во рамки на едно демократско општество. Сето тоа ќе има максимален ефект ако ние како институции сме максимално транспарентна. Еве можам да кажам дека индексот на активна транспарентност на МВР е зголемена и од 87.8% сега е на 95.7% што кажува дека МВР се движи во правилна насока.“, потенцираше министерот Тошковски во своето обраќање.
Тошковски ги охрабри новинарите, како круцијална алка, полициските службеници кои работат на овие случаи, Јавното обвинителство и судовите да имаат фокусиран пристап на разоткривање на ваков тип кривични дел коишто на крај треба да завршат во рамки на една процесна правда, со пресуди коишто ќе бидат во насока на втемелување на овие принципи на едно демократско општество.
„На таков начин сигурен сум дека се повеќе и повеќе ќе ја зацврстуваме улогата на новинарите во нашето општество, да даваме значење на она што треба да значи силно новинарство, кое ќе биде додадената вредност на едно демократско општество.“, потенцираше на крај министерот Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

