Македонија
Трамп менува 30 амбасадори, меѓу кои и Агелер
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп заменува 30 дипломати од кариера од амбасадорски и од други позиции во амбасадите, меѓу кои и американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер.
Ова доаѓа како дел од напорите за преобликување на американските дипломатски мисии и назначување персонал кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп отелотворени во неговата порака „Америка на прво место“.
„Шефовите на мисии во најмалку 29 земји беа известени минатата недела дека нивните назначувања завршуваат во јануари“, изјавија двајца претставници на Стејт департментот, кои зборуваа под услов на анонимност, пренесе „Асошиетед прес“.
Оние што се погодени од промените не ги губат своите работни места во надворешната служба и се враќаат во Вашингтон за други должности доколку сакаат да ги преземат, рекоа овие претставници.
Сите отповикани амбасадори ја презедоа функцијата за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, но останаа на овие позиции по првичната чистка на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари. Тоа се променило минатата среда кога почнале да добиваат известувања од Вашингтон дека треба да заминат.
Стејт департментот не коментира за конкретниот број засегнати вработени или амбасадори, но рече дека тоа е стандарден процес во секоја администрација. Како што беше најавено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да се осигури дека има поединци во овие земји, кои ја промовираат неговата агенда „Америка на прво место“.
Најпогодена од промените е Африка, каде што беа повлечени амбасадори од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
На второ место е Азија со промени на амбасадорите во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.
Во Европ, смени се случија во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и во Словачка.
На Блискиот Исток во две земји – Алжир и Египет, како и во јужна и централна Азија – во Непал и Шри Ланка, и на западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

