Македонија
Трајанов предлага затворска казна за злоупотреба на власта за влијание при вработување
Демократскиот сојуз предлага кривична одговорност и затворска казна од три години за тие што ќе ја злоупотребат власта за влијание при вработување.
Претседателот на партијата, Павле Трајанов, на денешната собраниска седница кажа и дека се неопходни уставни промени со цел да се јакне одговорноста на извршната власт, посебно на претседателот на Владата и министрите и да се зајакне самостојноста на институциите, надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал.
Тој кажа дека се потребни системски промени заради департизација на сите институции.
„Нема правда без кредибилно судство, затоа треба да се создадат уставни претпоставки за ревизија и разрешување на судии и јавни обвинители, како и нивна кривична одговорност, доколку ги кршат законите. Во услови на парализа на Парламентот, треба да има можност претседателот на државата да го распушти Парламентот. Треба да се преиспита и примената на правилото на Бадентер, кое во некои сегменти се јавува како кочница за функционирање на правната држава (избор на јавен обвинител, судии и сл,.). Во уставот точно е наведено кога е потребно двојно мнозинство и треба до тоа да се држиме, а не креативно да ги толкуваме уставните одредби“, рече Трајанов.
Тој, исто така, предлага намалување на бројот на пратениците од 120 на 90, намалување за 30% на министерствата и укинување на бројните паралелни агенции, дирекции, регулаторни тела и сл,.
Трајанов предлага и една изборна единица.
„Со овие промени, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира “еднопартискиот систем” на владеење. Треба да се направат промени во Изборниот законик за да сите учесници во изборниот процес имаат исти стартни основи и шанси“, кажа Трајанов.
Тој, исто така, предлага да се формира Совет за национална безбедност со кој ќе раководи претседателот на државата, да поминат низ, како што кажа, “сито” сите припадници на службите за безбедност и вработените во другите институции кои работат на откривање на криминалот.
Според Трајанов, неопходно е кадровско прочистување на службите за безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.