Македонија
Треба да се сменат седум закони за да се намалат платите на функционерите, рече Битиќи

Не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери, потребни се седум законски измени, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, прашан дали ставката за платите на функционерите е опфатена со буџетот.
„Измената во еден закон значи дерогирање одредени права од друг закон, што е противуставно. Работната група го разгледува тоа и набргу ќе има предлог за пред Владата, а потоа да биде проследен и до Собранието“, рече вицепремиерот.
Како што додаде, со буџетот сега се планираат одредени скратувања на обврските за зголемување на платите.
„Тоа што беше најавено помпезно дека ќе има зголемување, нема да се случи. Беше најавено дека заради методологијата сите функционери ќе добијат повисоки плати, но тоа нема да се случи в година и го нема“, рече Битиќи.
Најави скратување во други области во коишто има непродуктивни трошоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лабудовиќ најави 𝟤𝟦/𝟩 обезбедување во сите училишта и градинки во Центар

„Безбедноста на децата мора да биде обврска на општината, а не трошок за родителите“, порача Мирослав Лабудовиќ кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар. Тој најави дека дел од неговата програма е воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар.
„Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет“, вели Лабудовиќ.
Покрај оваа мерка, најавена е и иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
„Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар“, додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.
Македонија
(Фото) Делегација од општина Илинден положи цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Берлински процес во Лондон: средба на Муртезани со британскиот министер за Европа, Доти

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Лондон, оствари билатерална средба со државниот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес. Средбата претставуваше можност за потврдување на континуираната поддршка што Обединетото Кралство ѝ ја пружа на Северна Македонија во процесот на европската интеграција, како и за продлабочување на соработката во рамките на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Министрите Муртезани и Доти разменија мислења за најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и за значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка која повеќе од една деценија придонесува за зајакнување на регионалната соработка, економската поврзаност и усогласувањето со европските стандарди. Министерот Муртезани ја потенцираше важноста на оваа иницијатива како механизам кој овозможува конкретни проекти во областа на инфраструктурата, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната поврзаност и социјалната кохезија, нагласувајќи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на целите на Берлинскиот процес и на европската иднина на целиот регион.
Посебен акцент на разговорот беше ставен на билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Министерот Муртезани се заблагодари за континуираната британска поддршка, која во изминатата деценија резултираше со спроведување на над 160 проекти финансирани од британскиот буџет во различни области: од добро владеење, јавна администрација, и владеење на правото, до промоција на мултикултурализмот и инклузијата. Истовремено беше истакната и успешната соработка во рамките на TWINNING проектите со британски партнери во областа на полициските реформи, контролата на државната помош и зајакнувањето на институционалните капацитети за еднаквост и правична застапеност. Министерот посочи дека британската поддршка во кризни периоди, како за време на мигрантската криза и пандемијата со COVID-19, е доказ за трајното пријателство и партнерство меѓу двете земји.
Државниот министер Доти ја реафирмираше посветеноста на Обединетото Кралство на стабилноста, развојот и европската перспектива на Северна Македонија и поширокиот регион, истакнувајќи дека и по напуштањето на Унијата, ОК останува силен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. Во тој контекст, тој ја поздрави динамиката на реформските процеси во земјата и ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на партнерството, особено во областа на инфраструктурата, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Муртезани и Доти констатираа дека воспоставеното стратешко партнерство претставува ново поглавје во билатералните односи, кое ќе овозможи понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, заедничките проекти и координираните активности во рамките на НАТО, Берлинскиот процес и европските интегративни иницијативи.