Македонија
Треба ли Кисела Вода да има дочек на 2025 година со македонски артисти, прашува градоначалникот Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи
Дали сметате дека Општина Кисела Вода треба да организира сопствена новогодишна прослава за дочек на 2025 година, на која ќе настапат познати македонски артисти? Вакво прашање на социјалните мрежи вечерва постави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.
Тој објави анкета на која граѓаните веќе почнаа да се изјаснуваат за предлогот, а според досегашните гласови, на повеќе од 90 отсто од гласачите им се допаѓа оваа идеја.
Корисниците на социјалните мрежи во коментарите под постот на градоначалникот воглавно даваат поддршка за предлогот, а дел укажуваат на потребата да се накити општината, да се постави елка во паркот во Драчево, како и да не се претерува финансиски.
Кисела Вода летово организираше богата музичка програма со стотина изведувачи, што наиде на одличен прием и голема посетеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и партнерството со Дижон
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи кои можат да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
600 домаќинства во Општина Аеродром ќе добијат специјални канти за селекција на пластика
Општина Аеродром станува прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, велат од Општината, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество.
„Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман“, велат од Општината.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
„Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики“, се наведува во соопштението.

