Македонија
Трендафилов обвини дека му ги следат децата, ВМРО-ДПМНЕ му одговори да не глуми жртва на политички прогон
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше по објавеното видео со неговите деца од страна на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ. Тој изјави дека нема да дозволи, како што рече, монструмите кои седат во пратеничките клупи и кои снимаат малолетни деца да го заплашат и ги повика надлежните да го решат случајот.
„Нема да потклекнам. Нема да се предадам сѐ додека не ги зголемат работничките плати. Но ќе дозволите да зборувам за монструмите оние кои не се под детските кревети, туку оние кои седат во пратеничките клупи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија, тие се околу сите нас. Министерот за внатрешни работи и обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Истата Дафина која некои ја знаат како богаташка, која ги објави моите деца за да може сите да ги оцрнуваат и да ме уценуваат“, рече Трендафилов.
Тој смета дека со објавување на неговите деца, некој се обидува да го заплаши.
„Мислејќи дека ако ме следат и преку објавувањето на моите деца ќе ме заплашат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ било тоа“, рече Трендафилов.
Тој кажа и дека премиерот наместо да дава изјава дека е само почеток со заканите кон неговите деца и неговото семејство, треба да даде оставка или најмалку да ја разреши пратеничката Стојаноска.
„Во нормална држава, владата за вакви работи паѓа“, рече Трендафилов.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Трендафилов да не глуми жртва на политички прогон и доколку смета дека му е загрозена приватноста да пријави во надлежните институции.
„Фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон. Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека според нивни сознанија, Трендафилов добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци.
„Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

