Македонија
Тренчевска: Министерството за труд и социјална политика е отворено за сите пензионери
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставници на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија, кои денеска излегоа на протест со неколку барања.
На средбата претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери ги изнесоа своите барања меѓу кои, линеарно зголемување од 3500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување согласно новата методологија воспоставена минатата година, одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата, зголемување на надоместокот за мобилност и туѓа нега и Гарантирана минимална помош, соопшти МТСП.
Министерката Тренчевска ги ислуша нивните барања, по што се отвори дискусија околу истите. Министерката истакна дека пензионерите и унапредувањето на квалитетот на живот на нашата највозрасна категорија на граѓани, е приоритет на оваа Влада. За тоа потврдуваат фактите дека од доаѓањето на оваа Влада прво што беше отворено е прашањето за порастот на пензиите и обезбедувањето на достоен живот за сите, додаваат од МТСП.
„Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите“, рече Тренчевска.
„Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување во Септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во Март 2023 година – 8.4 отсто и моменталната проекција за Септември 2023 година- најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав.
Министерката истакна дека иницијативата за унапредувањето на квалитетот на живот на пензионерите потекнува токму од Министерството за труд и социјална политика и таа како министерка. Иницијатива која беше поддржана од Владата.
Во 2022 година, месеците март, април и мај, сите 330.000 пензионери добија финансиска помош од 3000 денари, а пензионерите со ниски пензии беа дел и од пакетот финансиска помош за ранливи категории на граѓани односно добија помош од 3000 и 6000 денари во зависност од висината на пензијата“, се наведува во соопштението на МТСП.
Владата продолжува и со субвенционирање на електричната енергија за сите граѓани, вклучително и пензионерите. Пензионерите со ниски пензии преку Министерството за економија, можат да добијат субвенции за електрична енергија до 1000 денари.
Министерката потенцираше дека со добри политики и домаќинско работење се обезбедува стабилност на пензискиот фонд и пензионерите ги добиваат пензиите редовно и предвреме.
Сите барања кои беа доставени до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии, а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани, се додава во соопштението на МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

