Македонија
Тренчевска: Отворањето на двата групни домови во Демир Капија, потврда за продолжување на деинституционализацијата
„Со процесот на деинституционализација ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и можности за сите наши граѓани и сегрегацијата ја менуваме со интеграција. Различностите не се нешто од што треба да се плашиме и треба да научиме да живееме со нив“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на денешното отворање на две станбени единици за живеење со поддршка во општина Демир Капија.
Таа истакна дека министерството продолжува да ги вложува сите свои капацитети за реализација на државните стратешки приоритети, а тоа е Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“.
„Во овие нови променети услови, најблиски до семејните, ќе живеат наши сограѓани, со обезбедена 24-часовна поддршка од стручни лица, кои ќе се грижат за нивната социјална, здравствена и емотивна благосостојба, согласно нивните потреби. На овој начин ги интегрираме во секојдневните животни текови и им обезбедуваме еднакво учество во општеството на рамноправна основа“, рече Тренчевска.
Според градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, отворањето на двете станбени единици како дел од проектот ОАСИС каде што и самата општина е партнер, ќе бидат синоним за интеграција, инклузија и заеднички соживот.
„Како општина и градоначалник во иднина ќе ги поддржуваме сите социјални услуги во општината, лицата со попреченост ќе бидат високо во нашата агенда и во иднина ќе се залагаме да овозможиме повеќе услови за надоградување и отворање нови иновативни социјални услуги засновани во заедницата, согласно општинскиот план за социјална заштита усвоен во 2021 година. Демир Капија е препознатлива и ќе остане во иднина како општина која нуди можности за сожителство, разбирање и почитување на сите човекови права,“ рече Петров.
Социјалната услуга, живеење со поддршка која ја дава Здружението „Хуманост“ како лиценциран давател, овозможува подобрување на квалитетот на животот на корисниците на оваа услуга, професионално, ефективно и ефикасно давање на услугата кон крајните корисници од страна на стручниот кадар, каде што корисникот секогаш е во центарот на вниманието, а во исто време се задоволуваат неговите потреби. На овој начин на нашите корисници им овозможуваме топол семеен дом и можност секој согласно своите интереси да си го најде своето катче“, рече Сашко Јованов, извршен директор на „Хуманост“, лиценциран давател на социјалната услуга живеење со поддршка во Општина Демир Капија.
„Сите објекти за рехабилитација и психосоцијално зајакнување на нашите сограѓани се проекти од големо значење. Тие ја одразуваат важноста што едно општество им ја дава на потребите на најранливите лица, а со тоа и на важноста на вредностите што ги промовира“, рече Кристина Василеска, преставник на невладината организација, KMOП.
Министерката Тренчевска изрази благодарност за поддршката на Делегацијата на Европската Унија, локалната самоуправа на Демир Капија и граѓанската организација „Хуманост“ како клучни партнери во процесот на деинституционализацијата.
Денес, помалку од 200 корисници се сместени во социјални установи или речиси за 60% е намален бројот на корисници. Тоа потврдува дека социјалните политики и активности и покрај сите предизвици на деинститционализацијата успешно се спроведуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

