Македонија
Тренчевска: Продолжуваме да се залагаме за унапредување на квалитетот на животот на лицата со оштетен слух
Министерката за труд и социјална политика денеска се сретна со претставниците на Националниот сојуз на глувите и наглувите. За време на средбата се разговараше за стандардизација на знаковниот јазик, право на толкувачи за лицата што се целосно глуви, покачување на додатокот за попреченост, како и обезбедување услови за инклузија во градинките за дечињата со оштетен слух.
„Како Министерство за труд и социјална политика секогаш сме спремни да ги направиме потребните чекори кон унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост. Целиме кон тоа да носиме решенија на долг рок за барањата што се пред нас и предизвиците што произлегуваат од нив. За да пристапиме кон решавање, потребни се поголем број нформации, кои ќе ни послужат при доставување трајни решенија“, посочи Тренчевска.
Министерката истакна дека треба да се пристапи кон изработка на нацрт-активности, кои ќе вклучуваат временски рок, финансиска конструкција, како и стратегија.
„Инклузијата во градинките е наш приоритет, затоа секогаш е од особена важност да располагаме со реалната слика за предизвиците со кои се соочуваат децата со попреченост во детските јавни установи“, изјави Тренчевска.
Тренчевска се осврна и на можноста преку оперативниот план на активни мерки и програми лицата со оштетен слух да се вклучат на пазарот на трудот со цел подобрување на нивниот животен стандард, како и нивен излез од социјален ризик.
На крајот од средбата Министерката и претставниците од Сојузот се согласија на понатамошна меѓусебна соработка, која ќе оди во прилог на лицата со оштетен слух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија, по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија, овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска Спирова изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43 сесија на Генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.
Македонија
Утре без вода дел од скопски Центар
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради дефект во шахта од ф – ¾ на ул. Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од ул. Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција. ( општина Центар )

