Македонија
Тренчевска: Само преку заеднички преговори можеме да одговориме на потребите на сите граѓани
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска ги прими на средба претставниците на здруженијата на лица со оштетен вид, кои беа дел од протестот пред Владата на Република Северна Македонија.
Претставниците беа со барања до министерката за повеќе средства за помагала, како и зголемување на висината на додатокот за слепило што го добиваат.
Тренчевска истакна дека за да може да се обезбедат секаков вид помагала, најпрвин потребно е да се определи бројката на лица што имаат потреба од нив, како и за која категорија лица се работи.
„Најпрвин треба да се фокусираме на најнеопходните помагала, а потоа ќе ги вклучиме и другите. Мораме да ги мапираме вашите потреби и приоритети“, рече Тренчевска.
Министерката им даде временски рок за доставување на потребните информации, кои вклучуваат број, како и структура на лица, за да може да се определат потребните помагала.
Во однос на покачувањето на додатокот за слепило и неговото врзување со просечната плата, министерката истакна дека секоја држава има своја даночна политика и законодавство, кое треба да се почитува. Таа додаде дека во согласност со
Законот за социјалната заштита сѐ што не е врзано со плаќањето на придонеси се врзува со трошоците за живот.
„За решавањето на ваквите предизвици, треба да преговараме. Во моментот целиот свет и ние се соочуваме со најголемата економска криза. Владата ги вложува сите напори за нејзино надминување преку субвенционирање од 80 % на сметките за струја, со што директно влијаеме на домашниот буџет на сите домаќинства во државата. Го донесовме новиот пакет-антикризни мерки, каде што лицата со попреченост добиваат 4 месеци по 3.000 денари и доколку има потреба, ќе размислуваме и за нов пакет-мерки во наредниот период“, изјави Тренчевска
На крајот од средбата учесниците се договорија по доставувањето на информациите од страна на здруженијатфа, да се одржи уште една средба со сите релевантни фактори, каде што ќе се решава за понатамошно постапување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

