Македонија
Тренчевска се повлече од партиската функција: „Нека настапат нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери“
Се повлекувам од мојата функција како претседателка на Форумот на жените на СДСМ, функција што ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните, објави на социјалните мрежи Јованка Тренчевска.
Како што додаде, од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата што ѝ била дадена.
„Од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро!“, вели Тренчевска.
Како што рече, вчерашниот ден покажал дека живееме во демократска држава, каде што моќта е на народот, онака како што и треба да биде.
„Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија никој не оставивме сам, носевме мерки и закони што им помагаат на сите граѓани. Ги донесовме највисоките плати и пензии, се грижевме за најмладите и за лицата со попреченост. Чекори што не сакам да избледат со текот на времето! Од моето дејствување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред. Нема да дозволам уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерките што се од полза на граѓаните. Мене ме водат вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок и така ќе дејствувам од позиција на пратеник“, вели ексминитерката за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

