Македонија
Тренчевска: Соработката со Светската банка води до видливо позитивни резултати
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска оствари средба со претставници на Светската банка, на која беа присутни Зоран Анушиќ, виш специјалист за социјална заштита од Светската банка, и Цвета Петрушевска-Јончевска, аналитичар од канцеларијата на Светската Банка во Скопје, како и претставници на проектната единица во Скопје.
На средбата беа сумирани резултатите од проектот за администрирање на социјалното осигурување, кој се спроведува со поддршка на Светската банка, како и идните чекори за преостанатиот период до завршување на проектот, декември 2024 година.
Министерката Тренчевска изрази задоволство од досегашната соработка со претставниците на Светската банка, нивната експертска поддршка и прогресот на проектот, во кој се предвидени сериозни реформски активности, кои ќе резултираат со значајни промени во поставените системи во областа на евиденцијата на социјалното осигурување, процената на попреченоста, вработување на лицата со попреченост и работните места класифицирани како опасни занимања со бенефициран стаж.
„Задоволни сме од реализацијата на проектот за администрирање на социјалното осигурување и свесни за неговото значење во спроведувањето на реформите во неколку клучни сегменти. Владата на Република Северна Македонија во целост ја поддржува натамошната реализација на проектот и е посветена на интензивирање на активностите и соработката со банката“, истакна министерката Тренчевска.
Претставниците на Светската банка изразија големо задоволство од одличната соработка, посветеноста на вклучените лица од проектната единица и Министерството за труд и социјална политика и притоа ја истакнаа отвореноста за понатамошна соработка и имплементација на активностите во рамките на проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

