Македонија
Тренчевска: Техничкиот министер од ДПМНЕ и градоначалникот на Штип пред да излезат во јавност да бидат подготвени со точни информации
„Градоначалници кои не нудат решенија за предизвиците на граѓаните, не може да зборуваат за подобрување на системот на детска заштита. Технички министер кој не ги проверува информациите пред да излезе на телевизија, само ја манипулира јавноста“, реагира заменик-министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Таа апелира изјавите од техничкиот министер од ДПМНЕ и градоначалникот на Општина Штип пред да излезат во јавност да бидат подготвени со точни и проверени информации.
„Владата на ДПМНЕ која опфатот на деца во предучилишните установи го држеше под 25%, сега зборува за тоа како може да се вработат повеќе негуватели и воспитувачи за „поголем“ опфат на деца. Имено двете градинки во Штип се проектирани за вкупен опфат на 1345 деца, а моментално е запишано само 1161 дете. Вистинската причина за одбивање на децата за сместување во градинка е неспособноста на Општината. Од министерство уште еднаш потврдуваме дека листи на чекање нема, а доколку има тоа Советот на општината може да го реши со одлука за проширување на капацитетот“, вели Тренчевска.
Во однос на лиценцирањето таа информира дека изминатите две години лиценцирани се 740 лица во Министерството за труд и социјална политика и спремни за вклучување во процесот на предучилишно воспитание и образование, а во делот на вработувања, во изминатите две години за во градинките во Штип побарани се вкупно 17 вработувања, 24 унапредувања и две продолжувања на согласности од кои само две вработувања и две унапредувања не се одобрени.
„Детската заштита не треба да биде мета на партиски препукувања, мандатот на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска е доказ за тоа!
На крајот од 2023 година беа потпишани дооговори за изградба на нови градинки во вредност од 4 милиони евра и тоа во Општините на чело со градоначалници од ДПМНЕ, односно Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром.
Отворената работа на министерството изминатите две години ја потврдуваат соработката со останатите општини, кои се проактивни и кои имаат познавања за пишување на проекти вредни за поддршка независно од нивната партиска обоеност. За ваква проактивност од Општина Штип не сме запознаени, не е направен обид за комуникација, ниту телефонски, ниту преку електронска пошта“, соопшти Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите полицајци во земјава денес ќе добијат телеграма: Секој што ќе биде посочен дека е можен сторител на семејно насилство да биде повикан во полиција
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со телеграма, која ќе ја испрати уште денес, ќе ги извести сите полициски службеници дека треба да го повикаат на разговор секој што ќе биде посочен како можен сторител на семејно насилство, без разлика дали се работи за маж или за жена.
„Полициско поставување во иднина посебно ќе биде фокусирано и на сторителите. За секој еден ваков случај каде што ќе имаме доза на сомнеж, па макар и на најмал сомнеж секој еден кој што ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство ќе биде повикуван во полициска станица на информативен разговор. Еве јавно го кажувам тоа, секој еден, без разлика дали е од машки пол, од женски пол којшто ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица. Секој еден. Денес ќе спроведеме телеграма до сите полициски службеници на територија на државата со која во рамки на полициското работење ќе дадеме инструктивни упатства. Тоа ни го дозволува Законот за полиција и врз снова на таков тип полициски дејствија ќе можеме да навлеземе во рамки на одредени оперативни активности кои ни се дозволени согласно закон“, рече денес министерот на прес-конференција на која соопшти детали за трагедијата во Карпош во која загинаа мајка и шестгодишно дете по пад од зграда само два часа по пријавата во полиција за несогласување меѓу сопружниците.
Министерот Тошковски ги повика сите граѓани кои ќе сведочат на семејно насилство тоа да го пријават во полиција. Најави дека за случајот во Карпош посебно ќе го истражат постапувањето на полицијата и повика на фокусирано постапување и од останатите институции, посебно од Центарот за социјални работи за да се подобрат состојбите во иднина.
Македонија
Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Итната интеграција на Западен Балкан во ЕУ е најголема гаранција за мир
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во прва официјална посета на земјава, на церемонија со највисоки државни и воени почести.
По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на македонската и делегацијата на НАТО, претседателката изјави дека посетата доаѓа во време на сериозни и непредвидливи безбедносни предизвици, што, како што рече, ја потврдува важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.
Таа го информираше Руте за викенд-седницата на Советот за безбедност, на која било заклучено дека, и покрај стабилната внатрешна состојба, е потребно постојано следење на настаните и навремено реагирање. Сиљановска-Давкова нагласи дека актуелните геополитички тензии, војната на европско тло, сајбер и хибридните закани бараат будност, рано предупредување и одржливи инвестиции во одбраната.

Претседателката истакна дека земјава како кредибилен сојузник го спроведува Планот за инвестиции во одбраната и ги исполнува обврските од самитите во Велс и Хаг, вклучително и издвојувањето најмалку 2% од БДП за одбрана, од кои над 30% се наменети за модернизација.
Таа ја потенцираше и активната улога на македонската армија во борбените групи во Латвија, Бугарија и Романија, како и во мисиите КФОР во Косово и ЕУ-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, додавајќи дека безбедноста е заедничка одговорност. Во разговорите, како што рече, не изостанала ни поддршката за Украина и заложбата за праведен и траен мир.
Генералниот секретар Руте ја потврдил значајната улога на земјава во безбедноста на Западен Балкан, оценувајќи дека регионот е од стратешко значење и дека Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум.

На крајот, Сиљановска-Давкова порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија. Таа повика да се става крај на „вештачките причини“ и историско-идентитетските блокади за членство и фокусот да се насочи кон исполнување на Копенхашките критериуми.
Претседателката изрази очекување дека на Самитот на НАТО во 2026 година во Анкара посебно внимание ќе биде посветено на безбедносната состојба во регионот.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.

