Македонија
Тренчевска – Фугер: Со новите проекти за социјална заштита ќе им помогнеме на ранливите категории граѓани
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска се сретна со австрискиот аташе за интернационални и билатерални односи и прашања од социјалната политика, Харалд Фугер.
На состанокот беше разговарано за проекти и активности на полето на социјалната заштита. Беа разменети и искуствата за услугата за поддржано вработување на ранливата категорија граѓани, за младите во ризик и нивно враќање во образовниот и работниот процес, за заштита од семејно насилство, за измените во Законот за работните односи во делот на родителско отсуство и за мажите.
Министерката Тренчевска посочи дека Република Австрија како пријателска земја е силен поддржувач на социјалните реформи и на интеграцијата во ЕУ и дека со потпишаниот меморандум за соработка активно се продолжува соработка меѓу двете земји. Таа рече дека Законот за работните односи се усогласува со европските директиви.
„Со новиот предлог-закон за работни односи ќе воведеме родителското отсуство, со кое и таткото ќе може да се грижи за детето. Во моментот таткото има право да земе отсуство заради раѓање на детето, но тоа многу малку се користи. Со новиот ЗРО ова право останува и дополнително се предлага да има денови што задолжително ќе му следуваат на таткото“, рече Тренчевска.
Австрискиот аташе Фугер информира дека набргу ќе почне да се имплементира проект со кој мажите ќе бидат вклучени во негувателската професија.
„Пилотираме услуги на поддржано вработување во пет региони во Македонија. Овие проекти веќе се при крај и набргу ќе почнат да се имплементираат. Со проектот ‘Втора шанса’ на младите луѓе што се надвор од образовниот и работниот процес ќе им се помогне да се вратат назад во системот. Тие ќе добијат поддршка за стручно образование и вработување. Работиме и на проектот за борба против домашното насилство и за жртвите и за сторителите“, рече Фугер.
Министерката Тренечевска нагласи дека МТСП и центрите за социјална работа активно работат на овој предизвик и на мултиинституционалнит пристап за справување со родово базирано насилство, насилство врз жените и семејното насилство.
Таа посочи дека во текот на оваа година во согласност со Истанбулската конвенција ќе се воспостават пет специјализирани сервиси за жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и дека се работи на воспоставување електронски систем со кој сите информации за жртвата, од пријавувањето, па сѐ до судската пресуда, ќе бидат на едно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.

