Македонија
Трифонов: Петков сака да го тргне ветото за Северна Македонија, ние нема да се согласиме
Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, кој е дел од владината коалиција, го нападна премиерот Кирил Петков дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го трне ветото за Северна Македонија, со цел почеток на преговорите до крајот на јуни годинава.
„Пред да се формира оваа влада четворицата партнери преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот за надворешна политика, сите се согласивме дека Бугарија ја задржува сегашната позиција во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почеток на преговорите на Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ ќе има дури кога ќе почне да го спроведува договорот од 2017 година. За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви гаранции, да го отфрли ветото што го стави Бугарија. Тој сака да почнат преговорите до крајот на јуни, без никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во оваа земја. Потенцирам дека тоа го прави без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од МНР туку и без координација со коалициските партнери, а уште помалку со Народното собрание. Бугарија е парламентарна република и бугарскиот парламент има јасен и недвосмислен став за оваа тема. Ставот го потврдија сите пратенички групи на последниот Советодавниот совет за национална безбедност“, напиша Трифонов во објава на „Фејсбук“.
Тој понатаму додава дека дипломатите од МНР, но и луѓето од Има таков народ, биле многу изненадени кога странските дипломати изразиле чудење што коалициските партнери не знаат што точно ветил премиерот Кирил Петков, со оглед на тоа што има уште три формации во владејачката коалиција. Дури оваа недела, пишува Трифонов, странските дипломати сфатија дека во коалицијата нема единствено решение за ова прашање.
„Ние од Има таков народ и јас како граѓанин на Бугарија веруваме дека има работи со кои не се тргува. Националната чест и достоинство не се на продажба. Правата на Бугарите во Северна Македонија – исто така. Историјата и вистината не се на продажба. Јас така мислам. Се надевам дека и вие така мислите. Ние сме Бугари. Затоа ние од Има таков народ нема да се согласиме со безусловно и некаде на друго место договорено укинувањето на ветото за Северна Македонија“, вели Трифонов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне променливо облачно, попладне облачноста ќе се намали
Утре претпладне ќе биде променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Град Скопје започнува постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година: граѓаните и компаниите да го сторат тоа во најкраток можен рок
Градот Скопје на 9 декември 2025 година упати јавен повик до сите даночни и таксени обврзници, правни и физички лица, кои имаат неплатени обврски по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина за изминатите години, да ги подмират своите долгови во најкраток можен рок, информираат од таму.
Од Град Скопје појаснуваат дека заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги подмириле заостанати обврски во износ од 20.107.103 денари кон Градот Скопје.
Со оглед на тоа што значителен број обврзници и понатаму не ги имаат подмирено своите долгови, Градот Скопје известува дека од 26 јануари 2026 година започна постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година.
Во рамки на постапката утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го подмириле долгот по основ на данок на имот за 2021 година, во вкупна вредност од 148.466.661 денари.
За 16.372 даночни обврзници, се изготвени и доставени Решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23.209 решенија ќе бидат доставени до крајот на оваа недела, со цел обезбедување наплата на неплатените обврски, според соопштеното.
Град Скопје ги повикува сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле своите обврски по основ на даноците на имот и комунални такси, тоа да го сторат во најкраток можен рок, бидејќи присилната наплата ќе продолжи кон сите даночни должници кои имаат долг спрема Градот Скопје.
„Увид во состојбата на сопствениот даночен долг може да се направи преку електронскиот портал на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml, каде што е овозможено и електронско плаќање. Подмирувањето на овие давачки претставува законска обврска и неопходен предуслов за нормално функционирање и развој на градот.
Изразуваме благодарност до сите граѓани и правни лица кои навремено ги подмируваат своите даночни обврски и со тоа придонесуваат за побрз развој, поквалитетни услуги и подобар град за сите. Градот Скопје останува посветен на транспарентност, отчетност и создавање подобри услови за сите жители во главниот Град“, се наведува во соопштението..
Македонија
Во „Пулс“ влегол со билет за кој не добил фискална, никој не му побарал лична карта, а од стампедото го спасил обезбедувачот Столе, сведочеше Иван Данаилов
Дваесетипетгодишниот Иван Данаилов, гостин во „Пулс“ вечерта кога се случи пожарот, на денешното судење сведочеше дека во клубот влегол со билет за кој не добил фискална сметка, не му бил побаран документ за идентификација, а откога се случил пожарот и настанало стампедото, обезбедувањето му помогнало да излезе.
Данаилов во детали објаснуваше што се случувало ноќта кога се случи пожарот во „Пулс“. Бил повикан на роденден кај другар и во дискотеката стигнал 50 минути по полноќ.
„Пристигнав сам, купив билет од човекот кој секогаш продаваше билети, Тодор. Не ми даде фискална сметка, никогаш не сум добил фискална во таа дискотека“, кажа Данаилов.
На влезот имало двајца, но не се сеќава дали носеле ознаки дека се обезбедување. Едниот ги преземал билетите, а другиот ставал печати на рацете на гостите кои значеле дека имаат билет за таа вечер. Никој не му побарал документ за идентификација.
Данаилов сведочеше дека објектот, освен влезот преку кој тој влегол, има уште еден, лево од бината, но кажа дека никогаш не видел дека некој го користи.
Се сместил во првиот ред маси пред бината, дискотеката била полна и тешко се минувало меѓу масите. Меѓу гостите забележал малолетни кои лично ги познава. Бендот почнал со концертот во два часот по полноќ, а во 02.32 се случил пожарот. Данаилов во првиот момент не забележал дека нешто гори.
„Прво со другарите на масата не го видовме, беше директно над нашите глави, надвор од нашето видно поле. Потоа од бендот го видоа и рекоа на микрофонот дека настанал пожар, побараа помош, сопственикот да донесе противпожарни апарати, музиката престана“, сведочеше Данаилов.
Го послушал советот на пејачот и тргнал надвор. Пред да стигне до излезот настанало стампедо, веќе се било зачадено. Успеал да стигне до скалите, но некој пред него се сопнал па сите паднале на скалите еден врз друг. Никој не ги упатувал каде да се движат.
„Откако паднав на скалите, се сеќавам дека лежам најдолу, ги имав поминато сите скали. Пробав да станам, ама нозете ми беа приклештени од други луѓе. Пред мене се појави Столе од обезбедувањето. Му побарав помош, му пружив рака, тој ме фати и ме извлече од гужвата. Сакам јавно да му се заблагодарам за тоа“, рече сведокот Данаилов кој успеал да излезе од опожарениот објект без повреди.
И тој, како и претходниот сведок, потврди дека во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, но инциденти немало.
Полиција забележал дека има надвор, кога веќе излегол.
Во пожарот кој се случи на 16 март 2026 година во кочански „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 се повредени.

