Македонија
Три години од настаните во Диво Насеље – многу дилеми и неодговорени прашања
И по три години од крвавиот викенд во Диво Насеље, кога во престрелка со терористичка група загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети, во јавноста сè уште има бројни дилеми и неодговорени прашања за мотивите и за нарачателите на овој „терористички чин“, како што беше квалификуван од страна на надлежните институции. Оружената престрелка меѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа, држејќи ја под опсада населбата.
Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28.
Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи – командант Малишева, Мирсад Ндрецај (командант Нато), Сами Укшини – командант Соколи и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата Гошинце. Полицијата го осуетила нивниот план за напади на државни и на цивилни цели.
За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по три години, судскиот процес сè уште не е окончан.
Во ноември 2017 година Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите. Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.
Адвокатите на осудените поднесоа жалби и пресудите се очекува да бидат разгледани од страна на повисокиот Апелационен суд.
„Диво Насеље, 9 и 10 мај 2015 година, никогаш да не се повтори. Во заседа поради скриени мотиви монструозно загинаа осум припадници на полицијата. Никогаш да не се повтори. Припадниците на полицијата се тука да ја штитат државата и граѓаните, а не да бидат жртва на нечии интереси!“, напиша утринава министерот за вантрешни работи, Оливер Спасовски, на социјалната мрежа „Фејсбук“.
По пресудата владејачката партија ДУИ побара меѓународна експертска група да го расчисти целиот случај кој сè уште ја бранува јавноста, а беше формирана и анкетна комисија во Собранието.
Премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање во врска со најавите за меѓународна истрага во овој случај одговори дека се информирани претставниците на меѓународната заедница – да размислат како да се оформи меѓународна истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Графика) Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици
Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици, покажува најновиот извештај на Македонското здружение за заштита при работа.
„Во 2023 година успеавме да забележиме јавно објавени во електронските и печатените медиуми, како и искомуницирани до нас како Македонско здружение за заштита при работа вкупно 93 несреќи при работа. Би сакале да потенцираме дека оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,16 односно на секои 100.000 вработени, 2 вработени гинат на работното место во 2023 година. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2023 година изнесува 13,42, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 13 до 14 вработени“, пишува во извештајот.
Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број на несреќи. По Скопје следат Битола и Прилеп.
Според извештајот, во 2023 година најмногу несреќи има во Преработувачката индустрија 29, по што следи Градежништвото и Јавна управа и одбрана 22. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на градежништвото 7, дејностите на домаќинства како работодавачи 3 и преработувачка индустрија и рударство по 2.
„Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се
регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај“, се вели во извештајот на Македонското здружение за заштита при работа.
При оваа анализа утврдено е дека најголем број смртни случаи имало во петок 7, по 2 понеделник, четврток и сабота. Исто така најголем број на повреди имало во петок, додека во другите денови од неделата бројката се движи понеѓу 11 и 14 повредени.
Според резултатите, најмногу несреќи се случиле во месец април – вкупно 18. Бројот на смртни случаи, е најголем во месец септември – 3.
Македонија
(Видео) Ковачки: Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција
Драган Ковачки, носител на изборна единица 3 на ВМРО-ДПМНЕ, денеска меѓудругото вети дека ќе бидат вратени во функција сите железнички линии.
„Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција, ќе ја реконструираме пругата Велес-Кочани, ќе ја електрифицираме пругата Велес-Битола, ќе го реконструираме автопатот Катланово-Велес, ќе изградиме нова катна гаража во Велес, ќе ја реконструираме општата болница во Велес. Нови 26 милиони евра од проектот 250 милиони евра за општините“, изјави Ковачки.
Македонски железници месецов прослави 151 година од своето постоење. Јавното претпријатие е во лоша состојба, а укинати се голем број возови.
Од неодамна, од двата патнички воза за Гевгелија вози само еден. Од 2021-ва не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.
Патниците го избегнуваат возот оти кога се качуваат не се знае кога и дали ќе стигнат. Честопати има дефекти и доцнење од по неколку часа, па граѓаните не сакаат да ризикуваат.
Ова јавно претпријатие е загубар кој со години се соочува со финансиски потешкотии и постојано добива прилив од буџетот за да може да подели плати и да плати сметки.
Македонија
„Вејце ниту се простува, ниту се заборава“ – Македонците паметат! Горат социјалните мрежи на годишнината од крвавиот масакр
Социјалните мрежи се преплавени со објави по повод 23-годишнината од масакрот кај Вејце, откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Ова се само дел од објавите на ФБ.