Македонија
Три дена култура – фестивал на млади уметници во гимназијата „Никола Карев“
Во скопската гимназија „Никола Карев“ на 7, 8, 9 март втора година по ред ќе се одржи фестивалот на млади уметници „Три дена култура“. Оваа година фестивалот добива меѓународен карактер, со тоа што белградска Прва гимназија доаѓа како гостин во Скопје со пријави во сите 4 категории што ги третира фестивалот.
Првиот ден со почеток од 20 часот ќе биде Младинскиот филмски фестивал, на кој своја проекција ќе имаат средношколци со свои авторски кратки филмови. На Младинскиот филмски фестивал проекција ќе имаат 2 филма од првата генерација „Докуникулци на Македокс“ – „Адолесцнезура“ на Леа Димирова и „Поинакви“ на Розе Симоноска, како и „Мишко“ – (филм од официјалната селекција на Сараево филм фестивал и повеќе од 25 други меѓународни фестивали) на Ханис Багашов, „Временски патник“ на Марија Перчинковска, The Brightest One, анимиран филм на Антоанета Малиновиќ, „Шега“ на Оливер Милески и „Дихотомија“ на ученичката од белградската Прва гимназија, Марија Такиќ.
Вториот ден со почеток од 20 часот се „Театарски перформанси“, на кој учество ќе земат 7 средношколски кратки театарски претстави, со кои на најсуптилен начин ќе се претстават новите и современи идеи за театарот и уметноста. Претставите што ќе се играат се: „Ќуп“ – извадок од „Скржавец“ на Плаут, „Монолози од Пиреј“, Les Cliches, „Нашата тајна“, „Случка во град најзагад“ по сценарио и режија на Дарио Ефтимовски, „Крчмарката“, а со танцувачки перформанси ќе настапи Dance Studio Vibe како гостин на фестивалот и белградската Прва гимназија по кореографија на Анѓела Лаушевиќ.
Третиот ден со почеток од 19 часот е свирка на средношколски бендови и дигитална изложба. На свирката ќе настапат 12 бенда од 8 средни гимназии во Скопје, бендот „Кукузел“ од „Св. Климент Охридски“ од Охрид и бенд од белградската Прва гимназија. На дигиталната изложба учество ќе земат повеќе од 50 млади автори средношколци со фотографии, дигитални цртежи, слики, цртежи, графики итн…
Оваа година вкупно учество на фестивалот ќе земат повеќе од 150 средношколци од 14 гимназии. Фестивалот е во организација на Art house Karev и СУГС „Никола Карев“ – Скопје, а главни поддржувачи и спонзори се Младинскиот културен центар, киното „Култура“, „Македокс“, „Гледај.мк“, „Скопје сити мол“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

