Македонија
Три деца со дијабет примени на Детската клиника, се испитува дали има пропусти во нивното лекување
Три деца на 3, 9 и 14-годишна возраст биле примени на Клиниката за детски болести во периодот од 17 до 24 јули. Од Лекарската комора велат дека во тек е процедура за да се утврди дали имало пропусти во лекувањето на децата кои се од Свети Николе, Гевгелија и Охрид.
Првиот пациент, на возраст од три години од Свети Николе, бил примен на Детската клиника на 17 јули. Тој бил упатен од матичен педијатар по направени првични анализи што укажувале на дијабет. Детето било примено на Одделот за ендокринологија и му била дадена терапија, а по неколку дена било пуштено дома.
Вториот пациент, примен 19 јули, е деветгодишно дете пратено од Општата болница во Гевгелија. „Детето било со симптоми на дехидратација и првично било стабилизирано во болницата во Гевгелија, но по влошување на состојбата е пратено на дополнителни иследувања на Клиниката за детски болести. По неколкудневен третман, состојбата на детето е подобрена. Пациентот сè уште се наоѓа на Одделот за ендокринологија и е во добра општа состојба“, соопшти Клиниката за детски болести.
Третиот пациент од Охрид, на 14-годишна возраст, бил примен вчера во тешка состојба. „Веќе биле изготвени првични анализи кои укажувале на дијабет. По приемот на Клиниката, детето поради возраста е упатено на КАРИЛ каде што по приемот е интубирано и поставено на апарат за механичка вентилација. Лекарите од оваа Клиника заедно со педијатрите од Одделот за ендокринологија работат на стабилизација на состојбата на детето. Во моментов се прави сè што е утврдено согласно со протоколите за работа“, пишува во соопштението.
Од Клиниката за детски болести велат дека ова не е првпат да се примаат пациенти со дијабет кои се во тешка состојба. Додаваат дека една третина од децата со новооткриен дијабет доаѓаат на Клиниката во животозагрозувачка состојба.
Од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија -Баланс МК бараат случаите што побрзо да се истражат и според нив, поради погрешно утврдена дијагноза трите деца биле доведени во опасна животна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

