Македонија
Туск: Верувам дека ова е кратка криза, а не крај на проширувањето на ЕУ
По завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, одржаа заедничка прес-конференција на која зборуваа и за процесот на проширување, односно за недавањето датум за пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија.
На пресот Туск порача дека во однос на ваквата одлука не се работи за неуспех, туку за грешка.
„Tешко е да се биде оптимист во оваа ситуација, но не треба да се гледа како на тотален неуспех“, порача претседателот на Европскиот совет и го истакна неговото уверување дека станува збор за кратка криза во Унијата, а не за крај на процесот на проширување.
„Многу земји (24-25) го поддржуваат процесот и сакаат да го продолжат“, нагласи Туск и додаде дека ЕУ треба да се заложи да го исправи овој пропуст пред мај 2020.
Јункер, пак, рече дека доколку ЕУ има намера да го сочува својот кредибилитет во глобалната политика, треба да ги исполни дадените ветувања.
„ЕУ е почитувана во светот и за да остане почитувана, треба да ги исполни своите ветувања“, порача Јункер и истакна дека многу е тешко да се зборува за крај на проширувањето кога во безброј наврати ЕУ дала ветувања, нејзини претставници ги посетувале Северна Македонија и Албанија и ги поттикнувале да работат на нивните евроинтеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР ќе ги тестира поставените камери: од 20 до 31 јануари на местата каде ќе се вршат активностите, нема да биде дозволен сообраќај
Министерството за внатрешни работи известува дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.

