Македонија
Уапсен кичевец, со секира ги нападнал родителите, таткото починал

Утрово полицијата во Кичево го уапси Е.А. (48) оти со секира ги нападнал родителите и си го убил таткото.
„Околу 07 часот во ПС Кичево од Итната медицинска помош Кичево, било пријавено дека кај нив се јавил Е.А. и кажал дека во семејната куќа во с. Србјани со секира ги нападнал неговите родители. Со возило на Итна медицинска помош двете лица се пренесени во Медицинскиот центар Кичево, каде У.А.(74), татко на сторителот, им подлегнал на повредите а Ф.А.(67), мајка на сторителот, е во неконтактибилна состојба. Е.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава“, извести Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Честитка од Сиљановска – Давкова за муслиманскиот празник Курбан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.
„Дозволете ми Вам, лично, и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед во државава, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан бајрам и од сѐ срце да Ви посакам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов.
Како празник на дарувањето и на помагањето, Курбан бајрам ја истакнува благородноста на човекот, мотивирајќи нè да се грижиме за сите членови на заедницата. Како општество, отсекогаш се истакнуваме со солидарноста, сплотеноста, почитта и грижата, и тоа мора и понатаму да го чуваме и да го негуваме.
Живееме во сложени и динамични времиња со тектонски политички и економски промени на глобално ниво, коишто бараат мудрост, заедништво и силна волја и истрајност.
Да се потпреме еден на друг, да ги развиваме емпатијата и солидарноста, и суштински да се залагаме за благосостојбата на сите наши сограѓани и за просперитет на татковината!“, пишува во честитката.
Македонија
Мицкоски со честитка за Курбан Бајрам: Борбата за подобра иднина да бидат нашата заедничка водилка

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати честитка до пoглаварот на Исламска Верска Заедница, Реис Ул Улема Шакир ефенди Фетаху, по повод денешниот празник Курбан Бајрам.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам муслиманскиот празник Курбан Бајрам, Вам и на сите граѓани припадници на исламската заедница и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, мир, благосостојба и спокој во Вашите срца и домови.
Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини.
Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.
Нашата заложба е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција. Тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно.
Како Влада за краток период успеавме да ја трансформираме државата, преку дијалог и соработка да реализираме проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените“, пишува во честитката.
Македонија
Православните верници денеска ја одбележуваат Задушница

Во спомен на починатите, православните верници денеска ја одбележуваат Задушница во пресрет на големиот празник кој доаѓа во недела – Духовден.
Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите. Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“.
Оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.
На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.
За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.