Македонија
Увидната полиција си замина, немало услови за работа
Увидната полиција си замина од улицата „Борис Серафов“ каде вечерва 10-годишно дете беше прегазено во сообраќајна несреќа. Полицијата образложи дека нема услови за работа поради граѓаните кои демонстративно се собраа, бидејќи не е прв пат на оваа улица да се случуваат вакви несреќи.
Полицијата по увидот на местото, се упати кон Ургентниот центар каде е сместено момчето. Неофицијално, прегазеното дете од сообраќајката во Ѓорче Петров има внатрешно крварење, напукнат череп и исчашување на едното рамо. Се работи за лице со иницијали З.П. , дознава „Макфакс“.
Претходно, полицијата обележуваше погрешна страна. Тие го означија правецот во кој би требало да движи возилото, меѓутоа, автомобилот се движел во спротивната насока кога удрил во детето, со цел да ги избегне дупките на патот.
Сообраќајната несреќа се случила кога возило од марката „опел астра“ удрило во детето, кое по ударот било пренесено на Ургентниот центар, потврди МВР.
„Макфакс“ дознава дека во автомобилот имало маж и жена, кои, според раскажуавањата на очевидците, го однеле детето во болница по несреќата.
Непосредно, по сообраќајната несреќа стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“. Бесни раскажуваат дека повеќепати барале да биде поставена светлосна сигнализација и легнати полицајци, но наишле на отпор од општината и градот.
„Овде се вози 200 на саат. Ако уште еднаш падне жртва ќе го запалиме цело Ѓорче“, раскажаа тие.
Очевидци за Макфакс велат дека момчето минувало низ улицата на пешачки премин. Жителите на Ѓорче најавија нови протести за утре, во 18 часот.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

